Во петокот околу 15 часот додека извршувал градежни работи на подрачјето на населбата Аеродром, 27 годишниот С.С од Тетово забележал човек во реката Вардар, по што успеал да го извади и спаси со оглед на тоа што станувало збор за лице на 81 година и со здравствени проблеми. Потоа тетовчанецот се јавил во полицијата, по што полицајци успеале да најдат каде живее и да го однесат дома.
-Полициски службеници од СВР Скопје излегле на место на настанот и по извршен разговор со С.С.(27) од Тетово, тој појаснил дека, додека извршувал градежни работи на мостот, го забележал Б.М.(81) во водите на Вардар, по што влегол во реката и го извадил, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од лекар од Итна медицинска помош бил извршен преглед и било констатирано дека Б.М. е во добра состојба, по што бил вратен во неговиот дом. Таму неговата снаа М.А.(45) од Скопје им објаснила на полицајците дека Б.М. имал здравствени проблеми и без нивно знаење го напуштил домот.