Музичко-сценската манифестација „И Тетовските глумци поа“ по седми пат вечерва се одржа во Центарот за култура “Иљо Антески-Смок” во Тетово. Вообичаено и традиционално пред новата година на овој сценско-музички спектал актерите од аматерското драмско студио при Центарот за култура од Тетово исполнија песни, хумористични скечови и драмски чинови посветени на три теми на концептот наречен „Македониум“.
-Продолжуваме по една година пауза, бидејќи лани поради пандемијата не се одржа манифестацијата. Прво се претставивме со театарска игра па музичка композиција. Првата приказна ги опфати историските периоди на македонското битисување, посебно овие изминати 100 -120 години, од Крушевската република досега. Втората приказна беше околу тоа како функционира животот во тетовската рурална околина. На крај имавме кафанска приказна- секој што доаѓа во кафаната има своја приказна која ја раскажува и после ја објаснува со песна, изјави Игор Бачоски-Бачо од организацијата на манифестацијата.
Единаесетте актерите од драмското студио на сцената беа придружувани од музичката група Академци.