Преку мониторингот врз седум регулаторни тела и институции што Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ од Скопје го спроведе за нивното постапување по поднесоци од страна на потрошувачи во Северна Македонија се анализираше транспарентноста и подготвеноста за соработка на државните субјекти со граѓанските организации. Во таа насока авторите подготвија краток тест на индикатори во делот на респонзивноста на овие тела, а поврзано со барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, кои биле доставувани до тие институции согласно со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Согласно тестот врз основа на респонзивноста на институциите и квалитетот на дадените одговори, на секоја од тие институции авторите на мониторингот им алоцираа соодветен број поени за отвореност кон граѓанскиот сектор.
„Поголем дел од субјектите одговорија во целост на бараните индикатори. Дел од субјектите, за жал или не, одговорија на бараните индикатори за кои тие се иматели на информации, или упатија на нивните интернет страници каде се објавени нивните годишни извештаи за работа. Овој одговор не е на начин и во форма согласно со барањето на информации од јавен карактер упатено до овие иматели на информации. Но, дури и во ваквите случаи, интересно е што овие субјекти, годишниот извештај за работа не го доставија во самиот одговор, туку упатија на нивнатаинтернет страница. Со оглед на фактот што информациите беа побарани во електронска форма, не би се создал дополнителен трошок за односните тела. Но и покрај тоа, дел од субјектите не ги доставија извештаите за работа во електронска форма. Од тие причини, тоа јасно е назначено во овој извештај. Имено, во главниот текст е наведено дека не е доставен податок, додека во фуснота е содржан податокот до кој е дојдено индиректно. Целта на ваквиот пристап е да се поттикне зголемен степен на соработка со граѓанските организации, но и да се подобри транспарентноста и отчетноста на надлежните државни органи“,потенцират од ИСИЕ.
Тестот за отвореност кон граѓанскиот сектор ги имаше следините прашања:
-Дали е доставен одговор на барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер навремено.
-Дали е доставен одговор на сите прашања.
-Дали одговорите на бараните информации содржани во Барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер се јасни, концизни и прецизни.
-Дали побараните документи опфатените со Барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер се доставени во целост.
-Дали правното лице имател на информацијата побарал надомест предвиден со закон за доставување на информациите.
Од можни 15 поени, сите 15 се добиени од Агенција за храна и ветеринарство, Регулаторна комисија за енергетика и водни ресурси додека 14 поени има Агенцијата за супервизија во осигурувањето. 13 поени се евидентирани кај Агенцијата за електронски комуникации додека само по 12 кај Државен пазарен инспекторат, Народната банка и Регулаторната комисија за домување.
Во рамки на анализата, авторите на мониторингот истакнуваат заклучоци и механизми за соработка со граѓанскиот сектор во насока на тоа како седумте регулаторни тела и инситуции да ја подобрат транспарентноста и соработувањето со граѓанските организации.
Агенција за електронски комуникации
(тест за отвореност кон граѓанскиот сектор 13 од 15 поени)
Анализата на законската рамка, како и на собраните податоци од индикаторите покажа дека: Законот за електронски комуникации содржи низа механизми кои овозможуваат учество на граѓанските организации како консултативни учесници, но не овозможуваат активно учество во процесот на одлучување. Имено, законските одредби не предвидуваат претставници од граѓански организации и експерти за потрошувачко право да бидат вклучени во органите на ова тело.
Законот за електронски комуникации предвидува значителни средства преку кои потрошувачите ќе ги остваруваат своите права, а исто така од обезбедените индикатори се забележува дека Агенцијата за електронски комуникации има подготвено упатства со кои потрошувачите ќе се стекнат со знаење за водење на постапките пред ова регулаторно тело.
Агенцијата за супервизија во осигурувањето
(тест за отвореност кон граѓанскиот сектор 14 од 15 поени)
Основни механизми кои му стојат на располагање на граѓанскиот сектор во поглед на спроведување на мониторинг на транспарентност и отчетност во работата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето се податоците и информациите достапни во извештаите за работа и другите податоци содржани на интернет страницата, како и алатката барање за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во составот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, не е предвиден член, претставник од граѓански сектор. Исто така во составот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во членот 158-е не е предвидено поседување на експертиза на членот од областа на потрошувачкото право (иако се предвидени одредени експертизи од слични области, т.е. трговско право)Законот за супервизија на осигурувањето не содржи контролни механизми ниту пак механизми за учество на граѓански сектор преку консултативно учество во процесите на донесување на актите и документите за политики на ова тело.
Пожелно е во Годишниот извештај да се објавуваат податоци поврзани со бројот на вработени, приходи и расходи на Агенцијата.
Агенција за храна и ветеринарство (АХВ)
(тест за отвореност кон граѓанскиот сектор 15 од 15 поени)
Законот за безбедност на храната во голем дел промовира механизми кои поттикнуваат транспарентност и отчетност. Имено, Законот промовира обврски за консултации со јавноста, информирање на јавноста, јавност на податоците од мониторинг на безбедност на храна и слично.
Законот за безбедност на храната во членот 84 предвидува „Агенцијата може да му наложи на операторот со храна да истакне определени информации од извршените официјални контроли, на место лесно воочливо за потрошувачите.” Во таа насока, практично би било доколку ваквата можност се практикува редовно, без исклучок, со што поголем обем на информации кои се објавуваат.
Законот за безбедност на храната предвидува вклученост на претставници на граѓански сектор, но во ограничен обем.
Не се предвидува директно учество и консултации со невладин сектор, во конкретни фази и процедури при постапување на АХВ, туку само начелно во делот на консултации со јавност. Соодветно би било доколку претставници на невладин сектор, се вклучени директно во подготовка на повеќегодишниот контролен план, како и во годишните извештаи за негово спроведување.
Од 19 члена на Национален совет за безбедност на храна и храна на животни, само еден член е претставник на организација на потрошувачите. Соодветно би било зголемување на бројот на претставници на граѓански организации
Во составот на Националниот совет за безбедност на храна и храна на животни, не се вклучени експерти претставници на организации кои се специјализирани со анализа на законската рамка со која се уредуваат правата на потрошувачите.
Во членот 120-д од Законот за безбедност на храната се предвидува формирање Национална платформа за експерти, но ни тука изречно не се вклучуваат експерти за легислатива и правна рамка за заштита на потрошувачи.
Државен Пазарен Инспекторат (ДПИ)
(тест за отвореност кон граѓанскиот сектор 12 од 15 поени)
Државниот пазарен инспекторат во текот на своето работење остварува соработка со бизнис-заедницата и здруженија на потрошувачите.
Во Годишниот извештај за работењето на ДПИ за 2018 година е констатирано дека во текот на годината биле зачестени и работните средби на овој инспекторат со претставници од стопанските комори и здруженија (Туристичко-угостителската комора на Македонија, Занаетчиската комора, Градежната комора, Здружение на текстилната индустрија и др.) на кои се разгледуваат одделни тековни проблеми со кои се соочуваат економските оператори од соодветни области, како и предлог-мерки за нивно надминување.34
Исто така, треба се има предвид фактот дека Законот (чл. 36), упатува на соработка на Инспекторатот со органите на државната управа, органите на единиците на локалната самоуправа и со здруженија на граѓани кои се грижат за заштита и унапредување на интересите на потрошувачите.
Согласно член 37, правните и физичките лица, граѓаните и нивните здруженија можат да поднесат пријави до Инспекторатот во врска со повредата на прописите од негова надлежност. При тоа, се наведува дека пријави може да се поднесат во врска со инспекцискиот надзор извршен од страна на инспекторите. По извршениот инспекциски надзор и спроведената управна постапка, Инспекторатот ќе ги извести лицата за утврденото и преземените мерки во рок од 30 дена сметано од денот на поднесување на пријавата.
Народна Банка на Република Северна Македонија (НБРСМ)
(тест за отвореност кон граѓанскиот сектор 12 од 15 поени)
Во Законот за народната банка не се вклучени сериозни механизми за остварување на соработка и консултации со медиумите. Во таа насока, се остава, транспарентноста да се обезбедува само преку достапноста на годишните извештаи и други документи кои се достапни на интернет страницата на Народната банка. Треба да се нагласи дека во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата беше нагласена потребата за усогласување на националното законодавство со регулативите на ЕУ за прудентна супервизија за заштита на потрошувачите и спречување на неправедни банкарски практики
Законот за Народната банка не предвидува посериозни механизми за вклучување на граѓански организации и експерти за потрошувачко право во консултативни процеси. Дури, согласно со овој Закон, не се предвидени никакви форми на јавни состаноци и заеднички работни средби со граѓански организации кои работат со заштита на потрошувачите како засегнати страни.
Законот за Народната банка не предвидува вклученост на експерти и граѓански активисти од областа на потрошувачко право во органите и телата на банката.
Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ)
(тест за отвореност кон граѓанскиот сектор 15 од 15 поени)
Транспарентноста и отчетноста се остварува и преку можноста за следење на годишниот извештај за работа, определен согласно со членот 36 од Законот за енергетика
Во составот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги не е предвиден член, претставник од граѓански сектор. Исто така во составот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, задолжително се предвидува еден член да е стручно лице за правни прашања од областа на енергетиката, но се занемарува фактот дека ова регулаторно тело, треба да постапува и по прашања за заштита на потрошувачите, па оттука отсуствува лице член на Регулаторната комисија, стручно за правни прашања од област на потрошувачко право.
Факт е дека во членот 34 од Законот за енергетика, се уредени механизми со кои се вклучува јавноста во процесите на одлучување, но недостасуваат одредби од јасна и прецизна дефиниција што се подразбира како заинтересирана страна, односно што се подразбира како заинтересирана страна од аспект на заштитата на потрошувачите. Во таа насока, соодветно би било да се прецизира законската одредба, со задолжително вклучување во овие процеси на организации кои работат во полето на заштита на потрошувачите. Исто така, оваа законска одредба не прецизира каков ќе биде карактерот на произнесувањето на заинтересираните страни.
Регулаторна комисија за домување
(тест за отвореност кон граѓанскиот сектор 12 од 15 поени)
Во Законот за домување не се вклучени сериозни механизми за остварување на соработка и консултации со медиумите. Во таа насока, се остава, транспарентноста да се обезбедува само преку достапноста на годишните извештаи и други документи кои се достапни на интернет страницата на Регулаторната комисија за домување
Законот за домување не содржи сериозни механизми со кои се предвидува активно учество на претставници на граѓански организации и експерти кои работат во областа на заштитата на правата на потрошувачите.
Од доставените податоци поврзани со индикаторите може да се констатира дека Регулаторната комисија за домување, од сите субјекти предмет на анализа, доставила најмал број податоци. Имено, Регулаторната комисија за домување нема доставено податоци за дури 16 индикатори. Доставувањето на податоци е обврска на ова тело согласно со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. За дел од податоците поврзани со индикаторите, Регулаторната комисија за домување упатува на податоци објавени на нејзината интернет страница. Се работи за Извештаи за работа на ова тело за 2019 година и 2018 година.
Се препорачува зголемување на степенот на соработка со граѓански организации преку доставување на информации за кои ова тело е имател, а согласно со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Обуки на ИСИЕ на запознавање на граѓанскиот сектор за потрошувачките права
Во рамки на проектот рамки на проектот „Чувај на правдата за потрошувачите “Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации и медиумите за мониторинг, промоција и застапување на заштитата на потрошувачите во Северна Македонија од јуни до септември ИСИЕ организира повеќе обуку преку интернет со цел запознавање на потрошувачите, локалните граѓански активисти и претставниците на локалните медиуми со процедурите и механизмите кои им се на располагање, при заштитата на правата на потрошувачите пред надлежните регулаторни тела и институции.
Александар Самарџиев
Текстот е подготвен во рамки на Проектот „Чувар на правдата за потрошувачите: Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации и медиумите за мониторинг, промоција и застапување на заштитата на потрошувачите во Северна Македонија“ (Watchdog of Consumer Justice: Strengthening Capacities of CSOs and Media to Monitor, Promote and Advocate for Consumer Protection in North Macedonia), што го спроведува Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ од Скопје во периодот декември 2019 – декември 2020 година во рамки на проект подржан од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) преку Проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Мониторинг извештајот е достапен на интернет страницата на ИСИЕ.