По повод 25 години јубилеј во алпинизмот Надир Мурсели од Тетово се искачи по насоката „Отмар Соло“ IV+ 120 метри на локалитетот Матка, а при тоа е изработена и видео снимка со помош на дрон. Тетовскиот планинар своите почетоци во алпинизмот ги имал на Матка па затоа се одлучил таму да го одбележи личниот јубилеј.
-Се уште ми се свежи првите денови на Матка пред 25 години кога почнав со алпинизам во овој познат центар за обуки на алпинисти. Единствено нешто што ме задржа толкав период да се занимавам е големата желба и љубов кон алпинизмот. Но не самото тоа, имав цел а целта беше на секое мое одење на Матка на обуките и тренинзите тоа да биде за мене да научам да бидам алпинист. Така научив во добро и лошо во тага и среќа да бидем активен, дека дружењето, помагањето учењето на други во алпинизмот е најдоброто нешто. На сите мои партнери во искачувањата во овие 25 години едно големо Благодарам за се и ви посакувам заедно уште 25 години да се гледаме на уште многу искачувања, вели Надир.
Тетовскиот алпинист има 43 години со долга листа на искачени врвови и алпинистички насоки на карпи. На Алпите имам искачено 13 врва над 4000 метри, а вкупно 40 пати бил на сите алпски врвови затоа што има и живеено во Швајцарија. Фокусот сега му е на искачувањето на карпи. Минатиот месец со повеќе македонски планинари се искачи на највисокиот врв на Турција Арарат 5137 м.
-Секое успешно искачување на планински врв е триумф кон себе, зашто најмалку треба и можеш да ја победиш планината, односно природата. Алпинизмот е филозофија на живеење, начин на живеење, мора да си постојано во тренинг, да читаш новости, да пратиш локалитети. Да речеме фудбал и сите други работи завршуваат после 90-та минута, дали нерешено или со победа. Во алпинизмот е тоа многу различно, качувањето започнува и завршува дома, вели Надир, инаку член на планинарскиот клуб Љуботен.
Највисоко Надир стигнал на Хималаите, на Ајланд Пик на 6.200 метри надморска височина, како и Мекинли и Аконкагва. Едно од поинтересните патешествија на Надир Мурсели е и искачувањето на Титов врв каде ја дочекал и новата 2000-та година.
А.С