ВМРО Народна партија на овие избори ќе настапи самостојно, со своја советничка листа за Општина Тетово, инфомираа од општинскиот комитет на денешната прес-конференција. Носител на листата ќе биде Стевица Саркоски, актуелен секретар на Општинскиот комитет на ВМРО Народна партија Тетово, дипломиран правник.
-Ми претставува голема чест што ја добив можноста да бидам носител на нашата советничка листа, а истовремено имам и голема одговорност пред членовите, симпатизерите и гласаќите на ВМРО НП, како и пред сите граѓани на Тетово да ја предводам листата која ќе се бори за исполнување на целите од нашата програма: доследно почитување на Охридскиот рамковен договор и правична застапеност на Македонците во локалната самоуправа; политичка функција за Македонците, односно со следниот Совет на Општината да претседава Македонец; им нудиме на политичките партии од македонскиот блок да потпишеме договор, со којшто партиите кои ќе освојат мандати во идниот Совет да не учествуваат во конституирање на истиот сè додека не се оствари целта-Македонец да претседава со Советот на Општината; правична застапеност во распределбата и трошењето на буџетските средства; нулта толеранција за корупцијата во локалната власт; изградба на нова пречистителна станица за отпадни води по сите светски стандарди; изградба на регионална депонија за цврст отпад;- воведување на систем за селектирање и рециклирање на отпадот; враќање на стариот спортски центар за граѓаните на Тетово, како и уште неколку други приоритети од нашата предизборна понуда, изјави Стевица Саркоски.
Советничката листа на ВМРО Народна партија е под број 14 на кандидатската листа.