Црквата Свети великомаченик Георгиј Победонесец во месноста Пештер во тетовското село Јегуновце ќе биде осветена во недела 14 јули со почеток во 8:00 часот. Чинот на осветување на новоизградената црква ќе го изврши митрополитот тетовско-готиварски г. Јосиф во сослужение со свештеници од тетовското намесништво.
Црквата е изградена единствено со донации на верниците. Започната е да се гради на 25 јули 2004 година со поставување на камен темелник. Во текот на градбата во предвечерието на празникот Ѓурѓовден на 5 мај верниците од овој крај доаѓаат на одбележување на патронот на црквата Свети Георгиј кога се врши мал водосвет и режење на славските колачи, информираат од иницијативнот одбор за градба на црквата.
Месноста Пештер го добила името поради огромната вдлабнатина во карпестиот дел од планината Жеден која личи на пештера, долга и широка околу триесетина метри. Воедно претставува археолошки локалитет т.е. некропола од доцниот среден век во тетовското село Јегуновце. Се наоѓа на околу 2километри источно од селото, во подножјето на Жеден кај истоимената месност, на мала височина каде се гледаат гробови градени од камени плочи, со ориентација исток-запад.