Во првите три месеци од оваа година на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово намален е вкупниот број на сообраќајни несреќи за близу 3 проценти, односно регистрирани се вкупно 238 несреќи или 7 помалку во споредба со истиот период лани.
Во првото тримесечие, според аналитичките податоци на СВР Тетово, најголемиот број од несреќите повторно се случиле на тетовските и гостиварските улици и автопатот Гостивар-Тетово-Скопје, претежно само со причинета материјална штета, а најчести причини биле неприлагодена брзина и неправилно вршење на дејствие, но и непрописно престигнување и недавање првенство.
-Она што посебно охрабрува, исто така, е и податокот дека за 50 проценти намален е и бројот на загинати лица од 2 минатата на 1 лице годинава, а намалување за 5 проценти бележи и бројот на телесно повредени лица. Намалувањето, односно овој позитивен тренд е присутен на поширокото тетовско подрачје и пред се во јануари и февруари, инфомира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово инфомираат дека ќе се продолжи со редовни и акциски контролни активности, во чие средиште ќе бидат брзината со која се движат возилата, нивната техничка исправност, управувањето без положен возачки испит и под дејство на алкохол.