Во Регионалниот центар за масовна имунизација во Тетово денес се бележи десетилјадитиот граѓанин кој примил вакцина против Ковид-19. Масовната имунизација во спортската сала на медицинското училиште во Тетово започна на 4-ти мај.
-Вакцинацијата тече воглавно без проблеми. Граѓаните се повикуваат со термини, тие што се пријавени во порталот вакцинација мк, се викаат според возрасните групи што ги определува Министерството за здравство и Мој термин. Си добиваат пораки со термин и ден за вакцинација. Заклучно денес 10 илјади се вакцинирани со оваој регионален пункт, изјави Борислав Јоргаќиески, директор на Здравствен дом Тетово.
За влез во салата и средувањето на документите ред чекаа неколку десетина луѓе, но според градоначалничката Теута Арифи метежот не е проблематичен.
-Кога работи системот како што сум информирана нема проблеми. Важно е да истакнеме секој да се придржува до времето кога го добива терминот и да дојде. Има многу пунктови за вакцинирање. Тимовите се тука, секако се должни да се регулира пријавување и средување на документите. Имајќи во предвид дека сме стигнале до оваа бројка тоа е доказ дека добро се работи, оцени градоначалничката Теута Арифи.
Од почетокот на масовната имунизација најмногу во еден ден биле вакцинирани 1200 луѓе.
-Зависно од бројот на пријавени има и бројка на вакцинирани, пресек се прави на 12 дена, секој пријавен за две недели најкасно, а може и порано да добие термин. Најмногу имаше преку 1200, а денес и вчера според катергорија 550-600 пријавени во претходните две недели, изјави директорот Јоргаќиески.
И градоначалничката се пријавила за вакцинација и очекува термин.
-Нормално и јас сум пријавена, секако дека ќе ми стигне редот. Јас сум преживеала анафилактичен шок, на пример, што е една компликација што треба секако лекарите да кажат во тие мал број на случаи како и на кој начин треба да се постапи ама во принцип искуството тука покажува дека вакцините се сигурни и дека граѓаните немале проблеми, напротив добиваат една поголема сигурност и гаранција се надевам дека што побргу ќе завршиме со возрасните групи и побрзо ќе стигнеме до помладите кои се активни и е важно да се вакцинираат. Нема друг начин да постигнеме колективен имунитет освен ова, истакна Теута Арифи.
Во моментот има вакцина од компанијата Синофарм од Кина. Во тетовскиот регионален центар се вакцинираат луѓе од тетовско, гостиварско и подрачјето на Маврово-Ростуше.
А.С