Со панел-дискусија во Тетово беше означен почетокот со работа на Женски центар за поддршка на жртви на семејно насилство, кој го отвора Национална мрежа против насилство и семејно насилство и локалната партнерска граѓанска организација Кортекс. Овој центар ќе има и свои простории каде ќе може да се обратат жртвите на насилство.
-Центарот има локација на улица „29 Ноември“ и таму ќе можат да се обратат, како и на телефони каде ќе можат да се јавуваат. Ќе дава специјализирани услуги за сите жени кои ќе бидат наши кориснички. Ние сме тука да ги поддржиме и да ги охрабриме тие да стават крај на тоа што трпат досега. Во овој центар ќе се даваат бесплатни услуги на психолошка поддршка, социјален работник и правна помош и кариерно советување за да се реинтегира повторно во општеството., изјави Небахат Имери, клинички психолог, која ќе биде давателка на услуги во Центарот за поддршка на жртви на родово насилство и семејно насилство.
Тетово покрај главниот град е единственото место каде засега се отвораат вакви центри.
-Центарот за поддршка обезбедува посеопфатна услуга, помош и поддршка од социјален работник за право од социјална заштита, придружба до институции и за обезбедување услуги од институциите она што е потребно и предвидено како мерки за заштита во законот, понатаму правна подршка која постоела и кариерно советување. Психолошко советување значи дека ќе се работи со жени и нивни деца кои поминале низ насилство за надминување на трауми, со цел почнување на нов живот без насилство развивање план за иднина. Добиваме донации но со локалната сампоуправа се надеваме дека ќе обезбедиме негова одржливост за понатаму,изјави Елена Димушевска, извршена директорка на Национална мрежа против насилство и семејно насилство.
Дарко Обадиќ, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Тетово, кој беше дел од дискусијата посочи дека за поздравување е отворање на ова советувалиште, проценувајќи дека во 2021 година за 30 до 40 отсто ќе биде поголем број на пријавени случаеви на семејно насилство во однос на 2020.
-Ги очекува комплексна работа стручните лица од Кортекс кои ќе работат таму, од наша страна ќе ја имаат максимална поддршка, нашиот стручен кадар, ако им требаат нашите простории и нашите ресурси, се со цел барем еден случај да кажеме дека успеавме да го решиме, рече Обадиќ.
Женскиот Центар за поддршка – Тетово има свој контакт телефон 075/344-760.
ас