Протестен марш се одржа во Тетово денес од кој учесниците побараа одговорност од властите поради 14 луѓе кои ги загубија животите при пожарот во модуларната болница на 8 септември. Собирно место беше градскиот плоштад во Тетово каде со новинарите зборуваше и Бељуљ Бељуљи кој рече дека е дојден затоа што неговата сестра настадрала во пожарот и затоа бара одговорноста од целата Владата и градоначалничката.
-Да не не лажат да изгорат уште луѓе. Сакамо побрзо да се дознае. Мене сестра ми ми изгорела. Да умрела од болест не би сум дошол овде, било од Господа, ама таа изгоре. Никому да не даде Господ. Барам да се каже што е и како е работатат со болницата. Одговорноста треба да ја понесе Владата со све претседателката на Тетово што ги дала без документи болницата. Не да не лажат, со недели, изјави Бељуљ Бељуљи
Фикрет Далипи од Бозовце рече дека во нивното село има две лица кои ги загубиле животите во пожарот и затоа сакаат да има одговорност.
-Недела дена и повеќе поминаа никој не презема одговорност, не знаеме и што се случило точно. Немам во блиската фамилија изгубено човек, но од нашето селото Бозовце настрадаа две лица. Жал ми е за починатите и повредените. Ние го даваме срцето на доверба кај лекарите, но немаме сигурност, не се знае што може да се случи. Сечеше некој цевки за кислород, дали го фатија, после две недели изгоре болницата, што се прави тука кај нас. Сите големите во Владата треба да поднесат одговорност. Влада е милион отсто одговорна за ова. Кај ќе одиме ние, не верувам дека полошо од оваа држава може да има. Мора да знаеме од што дошло тоа, ние ги носевме на лекување, а по пет шест дена изгоре болницата, мора да знаеме што се случило, истакна Фикрет Далипи.
Групата на плоштадот се собираше ооколу петнаесетина минути и пред 14 часот започна да се движи кон зградата на Општина Тетово. Беа истакнати и носени транспаренти, а една од пораките беше залепена на вратата од општината.
Пред присутните и новинарите се обрати Блерим Амеди од Кичево, познат во јавноста од 2019 година кога организираше протести против ДУИ поради аудио снимки кои на социјалните мрежи ги објавуваше неговиот брат познат по прекарот Ел Чека. Во неговото обраќање беше побарана одговорност од Владата за пожарот, а потоа Амеди зборуваше и за други настани кои политички ги поврза со ДУИ.
При обраќањето посочи дека групата ќе оди до седиштето на ДУИ. На тргнување дел од луѓето почнаа да фрлаат јајца и предмети кон зградата на Општина Тетово.
Групата продолжи пеш до Мала Речица со намера да дојдат до седиштето на ДУИ. Одејќи низ градските улици дел од групата извикуваше разни пароли со навредливна содржина.
Откако поминаа прва бариера поставена од полицијата, дел од лицата се обиде и низ приватни имоти и дворови да помине со цел да стигне пред зградата на ДУИ. Иако со туркање и сила дел од групата млади лица се обиде да ги помине полицајците, во тоа не успеаа.
Се вратија на влезот од Мала Речица каде одреден период ги убедуваа полицајците да ги пуштат да одат до ДУИ, а во еден наврат беше спречен повторен обид на поединци насилно да ја поминат бариерата од полицајци. Потоа дел од групата се врати кон Тетово и го блокираше сообраќајот на булеварите на излез кон Мала Речица.
ас