На поширокото тетовско подрачје во текот на минатиот месец регистрирани се вкупно 55 сообраќајни несреќи или 14 помалку во споредба со истиот период лани.Значително помал е, исто така, и бројот на повредените лица, како и вкупната причинета материјална штета, но во јуни годинава евидентирана е една човечка жртва (пешак), во сообраќајна несреќа.
Најголемиот број од јунските несреќи (29) се случиле на тетовските улици, потоа 19 на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје и на околните регионални патишта.Најчести причини за несреќите, како и претходните месеци, се неприлагодената брзина според условите на патот (24 несреќи) и неправилно вршење на дејствие (13).
Токму поради тоа и во јуни годинава најмногу од преземените мерки на СВР Тетово се однесувале на неприлагодена брзина, вкупно 786, а значителен е бројот на мерките и за неносење на заштитен шлем од мотоциклистите (99).Во периодот за кој станува збор на 27 возачи им се одземени нивните возачки дозволи, затоа што управувале под дејство на алкохол и веднаш биле исклучени од сообраќај, додека 36 пешаци биле повикани на сообраќајна поука, откако претходно направиле разни видови сообраќајни прекршоци, најчесто непрописно ги преминувале улиците надвор од обележани пешачки премини или не ја почитувале светлосната сообраќајна сигнализација на крстосниците.
СВР Тетово во континуитет продолжува со контролни активности и овој месец, дотолку повеќе што на подрачјето веќе е присутна зголемена сообраќајна динамика, пред се по тетовските улици и на автопатот.