Наредната година ќе се продолжи со набавка на нови униформи за полицијата и специјалните единици на МВР, најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од тетовско Жеровјане каде изврши увид во целосно реконструираниот објект на полициското одделение.
-Како Министерство и како Влада посветени сме кон целосно остварување на планираните системски реформи, преку целосна реализација на тој императив и во наредната година ќе се продолжи со набавка на нови униформи за полицијата и специјалните единици на МВР, како и набавка на оружје, муниција, заштитна опрема, бидејќи на секој полициски службеник треба и мора да му се обезбедат елементарни предуслови за нормално работење, рече Спасовски.
На новинарско прашање дали станува збор и за двојазничните униформите за кои поранешниот министер потпишал нормативи, Спасовски потенцираше дека процедурата е во тек.
-Во тој период беше покрената постапката во однос на реализација на законските одредби. Таа постапка е пред Влада. Штом ќе заврши ќе започнеме со имплементација, рече Спасовски.