Селото Вратница е едно од оние рурални места во кои веќе одамна луѓето егзистенцијата не ја обезбедуваат преку сточарството и земјоделството, па тоа се прави на сосема друг начин. Она што Вратница и тамошниот атар го имаат како потенцијал е живописен предел богат со природна разноликост и убавина што на жителите им дава можност да развијат планински и рурален туризам.
Токму богатата природа како планинските ливади биле добра основа во минатато за чување добиток па Вратница важела за сточарски крај. Но слабата исплатливост и мачната работа со добитокот е причина многумина да се откажат од оваа дејност.
-Во Вратница сега има само едно семејство со едно стадо од стотина овци, крава нема ниедна. Со добиток одамна никој не се занимава и на тој начин да обезбедува егзистенција туку само имаат пример по едно прасе или десетина кокошки за сопствени потреби. Професионално никој не се занимава со земјоделство или сточарство иако пред 50-60 години, чувањето добиток било главна преокупација и се сметала Вратница за сточарски крај. Со тек на годините се напуштало сточарството за кое како што се вели од постарите во поговорка „жива стока- жива мака“, што значи многу е мачна таа работа, објаснува Живе Ќироски, жител на Вратница.
Тој објаснува дека и земјоделското земјиште таму не е толно плодно како во другите места низ полошката котлина.
-Различно е да се работа земјоделие тука или на пример во областа Поселие. Таму има плодно земјиште има род. Не треба многу вадење, кај нас е црвеника земјата, неквалитетно земјиште, не дава ни квалитет ни квантитет. Голем проблем за земјоделие е тоа што нема големи парцели, се тоа е раситнето. Најголемата нива е 2000 квадрати најмногу. Земјоделие ако не работиш професионално со соодветна механизација нема ефект. Неповолните состојби за занимавање со сточарство и земјоделство уште со децении наназаад е причина за појава на иселеништво на Вратничани, пред се во Америка, објаснува Ќироски.
Драгиша Јововски е меѓу ретките млади луѓе кој останал во селото и нашол можност на поинаков начин да егзистира. Неговата куќа е претворена во хостел, па е фокусиран на потенцијалите за развој на планинско-рурален туризам. Пред да биде состојбата со коронавирусот, неговиот хостел беше постојано посетуван од странци.
-Јас започнав со туристи да се занимавам уште од 2005 година, ги водев на планински искачувања до врвот Љуботен, ги носев на лов, да возат велосипеди и слични активности се што е поврзано со планина, како јавање коњи и слично. Хостелот го имам веќе 4 година. Истите тие туристи освен што сакаа да поминат неколку дена на планина, сакаа и да преноќат во овој амбиент и така дојдов на идеја да нудам преноќувања во мојата куќа која е адаптирана сега во сместувачки капацитет, рече Јововски.
Традиција на одржување туризам Вратница има уште од 1960-тите години. Тогаш е изграден мотелот на земјоделската задруга Љуботен. Тој сместувачки капацитет претставува меѓу првите од таков тип во Македонија, имал и базен како и можност за кампување. Како угостителско-сместувачки капацитет работел до 2001 година бил пренаменет во полициска станица. Потоа е приватизиран но сега веќе не работи.
Вратница има околу 500 куќи но во селото живеат само околу 300 луѓе. Куќите во кои никој не живее се можност за отворање на угостителски објекти и сместувачки капацитети за што постојат такви иницијативи. Но сега се е во исчекување како ќе се развива состојбата наметната од коронавирусот.
– Голем број од куќите се на иселеници во Америка, но има и луѓе кои живеат во македонските и градови во други околни земји. Токму овие објекти се потенцијал за нови сместувачки капацитети и ресторани кои ќе понудат поразлична местоположба на над 800 метри надморска височина што подразбира чист воздух, квалитетна вода за пиење и богата природа. Голем број тетовчани и скопјани дури и сакаат купат објект за да имаат викендици во селото што за нив претставува спој на мирна и чиста средина. Заинтересирани има за купување куќи и плацови затоа што има такви кои и сакаат да живеат, сакаат луѓето мир, чист воздух и природа нешто што веќе во градовите го нема, вели Мирослав Кировски, претседател на месната заедница.
-Има повеќе иницијативи за отворање на нови ресторан и сместувачки капацитет во една од тие куќи. Воедно ние го имаме и Вратничко езеро што исто така е голем потенцијал за развој на туризам. Тоа сега претставува место кое е масовно посетувано за излети. Реката Ракита има убав голема кањон, што е уште една атракација. Манастирот Свети Константин и Елена има површина од 2,5 хектари, каде сега има три летниковци за излети, а за кој имаме урбанистички план за отворање на ресторан, детски игралишта, викенд зона во шумата. Тоа е одлично место под дабова шума, вели Живе Ќироски.
Во близина на Вратница е и месноста Сенокос, а постојат и 4 археолошки наоѓалишта. Во селото постојат 4 цркви. Од Тетово е оддалечено 22 километри. Од 1996 до 2004 постоеше и општина Вратница која сега е припоена на општина Јегуновце.
Александар Самарџиев