Кандидатот за градоначалник на Тетово, Вулнет Мурсели на својот Фејсбук профил објави видео спот во кој ги наброја неколкуте поголеми проблеми со кои се соочува неговиот роден град, а со тоа и неговите мотиви и желбата да работи за градот да биде подобро место за живеење.
Прикажана е состојбата со уништената жичарница кон Попова Шапка, за која во изборната програма нуди решенија заедно со скијачкиот центар.
-Сакаме да инвестираме во планински туризам во текот на сите 12 месеци во годината. Попова Шапка е извонреден природен ресурс што може да да донесе економско придобивки за Тетово и поширокиот регион. Затоа ја ставаме Попова Шапка меѓу главните приоритети. Да се направи реконструкција на жичарницата од Тетово кон скијачкиот центар, создавање на урбанистички план за Попова Шапка, паркинг простор, патна инфраструктура, поголема јавна чистота и слично, вели Вулнет Мурсели.
Во видеото е прикажана и состојбата со лошото менаџирање со собирање на отпадот посебно кај православните гробишта. Согласно програмата предвидена е поголема заштита на животната средина и постигнување на подобар квалитет на обезбедените услуги, управување со отпадот согласно европските принципи со третман на отпадот, сортирање и рециклирање.
Местото на православните гробишта е една од локациите каде се предвидува создавање на зелени површини и паркови. Такви места се предвидени и кај муслиманските гробишта, Два бреста, Стара библиотека, Саат џамија, Жена парк, урбаните паркови на улиците „161“, „160“, Блок 70 и Блок 82.