Тетовскиот градоначалник, Билал Касами најави нов проект кој треба да даде дополнително влијание во справувањето со отпадот заедно со регионалната депонија Русино. Според него можно е да почне да функционира фирма која ќе работи на преработка на отпадот.
-Менаџирањето на отпадот е комплексно прашање. Јас сум во постојана комуникација со ЈКП, да најдеме начин за селекција не само за шутот, туку за сите видови отпад. Има неколку решенија кои се на маса и треба да ги разгледаме и дискутираме. Тоа може да биде преку самото претпријатие или ќе одиме преку јавно-приватно партнерство.Имаме и еден друг голем проект, треба деновиве да се видам со инвеститорите кои бараат градежно земјиште на територијата на општината за да се реализира овој проект кој е за целиот полошки регион.Се работи за изградба на фабрика за преработување на отпадот и негово искористување за енергетски цели, рече Касами денес на прес-конференцијата по повод 100 дена владеење со општината.
За одложената еколошка акција за чистење на Тетово при преземањето на функцијата во ноември 2021 поради трагедијата во Бугарија, сега Касами рече дека најверојатно ќе се одржи во мај.
-Има друг предлог со една невладина организација кои во други градови организираат исти такви акции во првата недела на мај. После Првомајските празници кога луѓето ќе излегуваат на пикник за да и тој дел се менаџира. Сме во размислување и контакт со НВО, да биде првиот викенд после Први мај, рече Касами.
Тој информираше дека се уште се работи на утврдување на состојбите во рамки на Полошки плански регион да се формираат две претоварни станици во Фалише и Боговиње. Според Касами се чека одговор од Општина Боговиње.
ас