Група граѓани на општина Тетово ќе настапат со заедничка листа на независни кандидати на престојните локални избори.
Во Иницијативата „Подобро за Тетово“ досега се вклучени 30-тина активисти на граѓанското општество, здружени заедно со професионалци од разни области, кои се одлучиле нивното вонинституционално делување, да го дополнат со делување и во нив.
-Ние сме денеска тука за да ви ја презентираме нашата иницијатива за кандидирање и листата за Советот на општина Тетово на локалните избори кои ќе се одржат во октомври. Ние сме луѓе од граѓански сектор, луѓе со различни професии. Знаеме во каква состојба се наоѓа нашето Тетово, колку е деградирано и ние сакаме да ги претставиме сите проблеми внатре во Советот на општина Тетово, рече на денешната прес-конференција за медиумите Хамди Сулејмани, граѓански активист.
Претставниците велат дека се независни од политичките партии и ќе се залага за заштита на интересите на граѓаните.
-Ние сме отворени за сите граѓани на Тетово кои се истомисленици на нашата иницијатива. Важно е сите тие кои мислат како нас и сакаат промена во општеството и во самата општина да ни се придружат. Многу е важно дека самите граѓани ќе се совпаднат со нашите вредности, кои се пред сè отчет и транспарентност, но и други области, истакна Мерита Максути.