Тетовската полиција и минатата ноќ откри и приведе жители на регионот кои се движат и покрај полицискиот час. Вчера во 21 часот, во тетовска Голема Речица, лишени од слобода се две лица од тоа место на возраст од 27 и 28 години.
-Двајцата се превезувале во патничко моторно возило „фолксфаген голф 3“ и ја прекршиле забраната за движење, односно полицискиот час. Биле задржани во Полициската станица Тетово за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе им биде изготвен поднесок по член 206 од Кривичниот законик за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, информира порпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
За неносење заштитни маски 59 луѓе во тетовскиот регион добиле прекршочни платни налози, согласно член 6 од соодветната владина Уредба.
А.С