Многу млади девојки преку социјалните мрежи на интернет добиваат пораки кои претставуваат сексуално вознемирување, а за тоа тие повеќе се доверуваат на семејството отколку на институциите. Ова го покажува истражувањето на „Онлајн вознемирување на социјалните медиуми“ спроведено од Центарот за Еднакви Можности „Бубамара“ од Тетово кои го пренесуваат и искуството на младите лица од женски пол во полошкиот регион.
Анкетирани биле 208 девојки на возраст од 18 до 25 години кои одговорииле на анкетата по електронски пат. 150 девојки се од Тетово, 51 од Гостивар и останатите од другите места, при што 45,1% се од рурални а 54.8% од урбани средини.
-65.8% од анкетираните девојки примиле пораки од момчиња или мажи кои содржеле разни форми на сексуално вознемирување, говор на омраза, закани и навреди. 32.2% од нив не примиле такви содржини на социјалните мрежи. 1.9% се одлучиле да не одговорат. Анкетата имаше за цел да открие колку овие возрасни девојки, кои се уште се во раните дваесетти години, се жртви на сексуално вознемирување, и воедно, што подразбираат под сексуално вознемирување и дали се подготвени да го пријават тоа, велат од „Бубамара“.
фото – Pixabay community Според истражувањето семејството е најдоверливата и најсигурната адреса каде што анкетираните девојки ги пријавуваат ваквите вознемирувања во случаите кога се решаваат да пријават. Поголем дел од нив (29.3%) претпочитуваат да му се обратат на семејството кога се вознемирувани од такви вознемирувачки пораки или содржини. На второ место е полицијата (25%). Голем број на девојки одговориле дека не знаат каде да се обратат (21.6%). Мал број одбрале (или би одбрале) да им се обратат на новинарите (0.9%) или на невладините организации (1.4%) за да пријават вознемирување.
Понатаму во истражувањето се вели дека во реалноста, голем дел од анкетираните девојки кои примиле такви пораки, истите ги игнорирале. Вкупно 89 девојки или 42,7% ги игнорирале ваквите пораки. 97 девојки или 46.6% ги пријавуваат со тоа што регираат или ги објавуваат истите на социјалните мрежи кои ги користат. 3.8% од девојките за овие пораки се обратиле до полиција. 2.4% од девојките рекле дека одбрале лично да се соочат со вршителот на делото.
Во заклучокот од истражувањето од „Бубамара“ велат дека жртвите на сексуално вознемирување, воглавно се добро информирани дека овој феномен подразбира повреда на нивната слобода и мешање во нивниот живот и нивните избори. Според нив овие дејствија имаат последици кои кај некои од жртвите се манифестираат во поголема мера.
-Последиците се главно психолошки и жртвата често е сама и претпочитува да не го сподели искуството со некој друг. Фактот што некои од сексуално малтретираните девојки на социјалните мрежи не сакаат да го споделат своето искуство ниту со својот партнер, велејќи дека голема е веројатноста да дојде до некакво недоразбирање, покажува дека момчињата и мажите се многу малку информирани за размерите на овој реален проблем. Игнорирањето подразбира одобрување и охрабрување за сторителот, насилникот и престапникот за тој да ја прошири својата мрежа на малтретирање и да го храни тоа чувство на надмоќност врз своите жртви. Повторната виктимизација на жртвата на сексуално вознемирување од околината додава уште една по нераскинлива алка во синџирот на сексуално вознемирување, како злосторство кое го олеснија и „релативизираа“ социјалните мрежи поради природата на нивните платформи, неможноста за целосна контрола и начелата на слободата на изразување, велат од „Бубамара“.
Девојките во анкетата ги опишале и нивните искуства давајќи описи на она што е направено од страна на машки лица и како го доживеале сексуалното вознемирување.
-Би рекла дека сексуалното вознемирување на социјаните мрежи е потешко од тоа што се прави лично физички, затоа што сексуалното вознемирување на социјалните мрежи предизвикува психички проблеми, почнувајќки од пораките кои доаѓаат од луѓе од категоријата кои постојано пишуваат и бараат најразни работи, што потоа се употребуваат за уцени и закани, а покасно и за други работи; би рекла дека коментарите се најчудниот елемент, и така натаму!
-Вознемирувачките навреди и коментари, злоупотребата на личните фотографии, непочитувањето на личниот простор и приватноста, приватните пораки без трошка почит.Испраќање на интимни фотографии без да се познава тоа лице. Бројни пораки со несоодветни зборови.
-Сексуалното вознемирување се сфаќа како вршење на дејствија од сексуална природа кои го нарушуваат достоинството на една личност во било која форма, создавајќи заканувачка, непријателска, понижувачка, деградирачка или навредлива средина.Сексуално вознемирување е кога едно лице вознемирува друго лице без да оствари физички контакт за да ги задоволи своите сексуални желби. Обично е опишување на тоа што би му правел на моето тело!
-Сексуалното вознемирување на социјалните мрежи е кога некој се обидува постојано да ве контактира со закани и ја нарушува вашата приватност предизвикувајќи ви проблеми со најблиските. Исто така, ве става под психолошки притисок за да се плашите да излезете во јавност.
-Секој коментар за вашиот изглед кој ви предизвикува нелагодност, коментар кој ја пречекорува и навлегува во вашата приватност, велат девојките во коментарите.
Девојките кои ги пријавиле ваквите пораки генерално не биле задоволни од резултатот. 26.4% од девојките сметаат дека ниедна институција или друг ентитет не се покажал ефикасен во решавањето на нивниот проблем 3.3% се задоволни од ефикасноста на полицијата, додека пак 11.1% од нив сметаат дека полицијата реагирала прекасно. 23.08% се задоволни од резултатот кој го постигнале по пријавувањето на социјалните мрежи.
Кривичниот законик во Северна Македонија вознемирувањето на социјалните мрежи не го признава како конкретно кривично дело. По случајот со споделување фотографии и видеа „Јавна соба“ граѓанскиот сектор инсистира сексуалното вознемирување преку интернет да биде регулирано и во Кривичниот законик“.
Според информациите на тетовската полиција на некој начин сексуалното вознемирување преку интернет и социјалните мрежи е евидентирано со пријави за лица согласно кривичното дело „злоупотреба на лични податоци“, казниво по член 149 од Кривичниот законик каде стои дека -тој што спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Прецизират дека пријавителите биле сексуално вознемирувани со најразлични поводи и цели од поранешни љубовни партнери, кои електронски им се заканиле дека лично и фамилијарно ќе ги дискредитираат.
– Значителен број од пријавителите на ваквите злоупотреби, преку креирање на лажни профили на различни социјални мрежи, биле вознемирувани на тој начин што сторителите им се заканувале дека ќе објават нивни компромитирачки фотографии или други експлицитни видео-материјали и ќе им ги испратат на нивните најблиски, доколку не им возвратат љубов или не им платат одредени суми парични средства, објаснува Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Годинава, заклучно со 22 септември во СВР Тетово евидентирани се вкупно 24 кривични дела „злоупотреба на лични податоци“, во кои биле инволвирани осум сторители од кои шест во тетовско и две во гостиварското подрачје. Тие биле заокружени со ист број на кривични пријави а има и 17 писмени известувања до Обвинителството. Од нив седум во тетовскиот, а десет во гостиварскиот регион.
Александар Самарџиев