Стариот дел од Тетово-населбите Колтук, Два бреста, Певчина и Поток е маргинализиран од општинските власти во поглед на инфраструктурно подобрување на квалитетот на живот, револтирани се тамошните жители. Најголеми проблеми се оштетените улици и реткото собирање на комунален смет. Улиците како што се Шарпланинска, Велешка, Љубљанска се мали од по стотина метри и се наоѓаат во речиси шумски предел на угорнини. Камиони за смет не можат да одат натаму па не се ни поставени контејнери. Луѓето отпадот го чуваат во двор, па само еднаш неделно работниците од комуналното претријатие доаѓаат и го земаат сметот.
-Пред триесетина години паметам се собираше по три пати неделно на ист начин. Тогаш не ни имаше вакви мали камиончиња и трактори. Потоа со текот на годините се намали на два пати. Последнава деценија само еднаш неделно се прави. Поради тоа покрај секоја бандера се создава и мала депонија. Некои од соседите немаат во двор место па го остваат сметот надвор- вели 65 годишната Јованка Ѓуревска од населбата Два бреста.
Препознатливиот изглед на овој дел од Тетово е калдрмата на улиците но проблемот е што со децении службите на општината не се погрижиле за обнова или прередување. Во најлоша состојба е улицата „Гоце Делчев“ која е долга еден километар и претставува главна сообраќајница, ги поврзува и поминува долж сите четири населби. На многу места ја нема калдрмата па зјаат многу дупки кои се опасни за возилата. Жителите велат и пешки тешко се
движат, треба да внимаваат да ги заобиколуваат и прескокнувааат дупките, па некогаш се случува и да паѓаат.
– Најкритични се околу триста метри на потегот од Певчина кон Поток. Овде веќе 20-тина години не ни ја има калдрмата. Тогаш беше растурена калдрмата, коцките беа извадени,целата должина беше со дупки, па ставија асфалт. Околу 2004-2005 асфалтот исто така се уништи поради подземни води и пукнати цевки. Постојано и тогаш и сега се собира вода на површината. Тогаш 2004/05 ставија бекатон плочки кои исто веќе ги нема. Дупки има на секој чекор буквално. Да возиш кола овде е ризик, сигурно ќе се оштетат гумите, вели Стојан од населбата Поток.
Дел од жителите на стариот дел револтирани од состојбите самите преземаат иницијативи за подобрување на состојбата. Неколкумина пред своите куќи се обидуваат да ги наредат коцките од калдрмата со цел да нема дупки. Сепак поради нестручното изведување тоа кратко трае.
Во населбата Два бреста четворица жители во 2017 година самите го обновија запуштениот мал парк пред црквата „Свети Кирил и Методиј“. На ова место од стотина квадрати тие направија нови клупи и ограда, поставија нови канти за отпадоци , а уредено беше зеленилото и засадени дрвца.
Од 2013-та година кога започна првиот мандат на сегашната градоначалничка Теута Арифи постојано се најавува дека ќе се реконструира најзапоставената улица Гоце Делчев. И летово градоначалничката даде нова најава, а тоа го направи од друга веќе реконструирана улица во населбата Дреновец.
-Имаше повик од Министерство за транспорт и врски, затоа што заедно со Владата добија средства од Светска банка, кредитна линија. Каде што беа побарани проекти, Општина Тетово конкурираше со три проекти. Првиот од тие проекти е Гоце Делчев со сите нишани, како што е ова тука и плус два локални правци. Проектите се комплетирани и немаат никаква мана и мислам дека ќе влеземе во буџетирањето и мислам дека и таму ќе имаме темелно решен проблем подземна и надземна инфраструктура, рече градоначалничката на Тетово.
Во четирите населби во стариот дел на градот долж улицата Гоце Делчев се наоѓаат и голем број институции поради кои има и голема фрекфрентност на луѓе и возила. Тука се православните гробишта, црквите Свети Димитрија и Свети Кирил и Методиј, седиштето на тетовската епархија, Спомен куќата на комунистичката партија, основно училиште „Андреа Савески Ќиќиш“ како и подрачните единици на Управата за водење на матични книги. Карактертистика за овој дел од Тетово биле куќите со автентична градска архитектура со чардаци кои исто така се повеќе ги нема поради реконструкции или градење нови објекти.