Од Секторот за внатрешни работи Тетово информираат дека значително се интензивирани сообраќајно-контролните активности на подрачјето во функција на поголем ред и безбедност, пред се на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје, но и на тетовските и гостиварските улици.
-Вчеравечер (8 јули) од 21 до 24 часот со таканаречен „ноќен радар“ била спроведена акциска контрола на брзината со која се движат возилата надвор од населено место, при што биле откриени и санкционирани вкупно 11 пречекорувања на максимално дозволената брзина, од кои 1 за повеќе од 70 километри на час, а 7 за 50 до 70 километри на час повеќе од дозволеното. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци и ќе се соочат со парични глоби од 300 или 400 евра во денарска противредност, зависно од големината на пречекорувањето и со времено одземање на возачките дозволи до една година, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
При вчерашната контрола, исто така, санкционирани се и 35 пречекорувања на брзината во населено место (Во Тетово 27 и осум во Гостивар), од кои пет во за повеќе од 50 километри на час. Во акцијата санкционирани се и четири други видови прекршоци.
А.С