По шест години пред самиот крај е изработката на иконостасот и животописот за манастирската црква Свети Георгиј Победоносец во тетовска Мала Речица. Овој црковен комплекс изминативе 15 години се возобновува откако беше запален и уништен до темел во 2001 година.
Главен мајстор на резба на иконостасот е Будимир Апостолски-Пишман, кој работи со уште двајцата членови на ткн. тајфа Љупчо Христовски и Андреј Спасеновски, а им помага и Раде Наумчески. Животописот го работи Зоран Бошковски.
-Иконостасот е изработен од ореово дрво,во длабока и плитка резба. Патиниран (дрвото добива одредена светлост со боја) и заштитен е според прописите за ваков материјал. Иконостасот почнавме да го правиме во 2013 година и до 31 октомври според договорот со црковниот одбор треба да го завршиме, меѓутоа се е веќе пред крај остануваат уште неколку работи да се довршат, изјави Пишман.
Иконостасот претставува ѕид со икони и верски слики кој во православната црква го одвојува олтарот од останиот дел од црквата. Одлика се главните икони и слика од Тајната вечера во средината над царските двери (централна врата за влез во олтарот) и 12 апостоли распоредени по шест лево и десно. Крстот е највисоко поставен на иконостасот.
-Во оваа црква иконостасот е долг 6 метри. Освен резба на икони, изработив крст со Распетието Исусово и царските двери во ажурна резба. Во целиот иконостас имам уникатни идејни решенија на резбите со мотиви од црквите, со флората и фауната од нашето поднебје. Под главните икони се изработени 6 потпарапетни резби, објаснува резбарот Будимир, инаку автор на над 1200 резби.
Тетовскиот резбар досега има изработено 5 други иконостаси во црквите Свети Атанасиј во Сараќино, Свети Димитриј Солунски во Теарце, Свети Ѓорѓи во Лавце и манастирската црква Свети Атанасија во селото Глуво на Скопкска Црна Гора. Има работено и на реставрација на иконостасите во црквите Свети Петар и Павле во Бањица, Гостиварско и Света Богородица во селото Сетоле, Тетовско.
Манастирска црква “Свети Великомаченик Георгиј Победоносец” во тетовска Мала Речица се обновуваше од 2009 до 2017. Во октомври 2017 беше извршено и осветувањето, а при обновата се изградени сите пропратни објекти. Изградени се конак со трпезарија, кујна и летниковец