Повторно отежнато водоснабдување има во делови од Тетово каде граѓаните се соочуват со намален притисок или подолготраен прекин со оглед што вон системот е ставен изворот во месноста Лешница, информират од Јавното комунално претријатие „Тетово.
Причината за затворањето на каптажата кај месноста Лешница од каде се зема вода од реката Пена и се носи до филтер станицата е матноста кај водата.
-Обилните дождови кои деновиве паѓаа на тетовското подрачје многу ја заматија водата во горниот тек на реката Пена од каде, покрај од шарските извори, градот се набдува со вода за пиење. Високата заматеност со песок и кал, која според мерните инструменти го надмина индексот 2, придонесе автоматски да се затвори дотокот на водата во филтер станицата каде се врши нејзино пречистување. Ова е автоматски процес бидејќи високата заматеност на водата може да предизвика големо оштетување на филтрите. Екипите на ЈКП Тетово се на терен на Лешница и ја следат состојбата. Условите за работа се тешки бидејќи ноќеска тука паднал и снег но, велат водата почнала постепено да се разбиструва па можно е наскоро филтер станицата повторно да проработи и да се нормализира снабдувањето на градот со вода. Ваквото заматување на водата во овој период од годината е вообичаена појава поради обилните дождови и со неа сме се среќавале и во минатите години“ изјави Љуљзим Шаќири раководител РЕ „Водовод и канализација“ при ЈКП Тетово.
Во моментот Тетово користи 240 литри вода во секунда. За ублажување на недостигот се активирани и три бунари во градот. Ваква ситуација имаше и на 23 септември, а во август неколку дена поради големи дефекти немаше вода за пиење во голем дел од градот.
А.С