За само неколку часа Општина Тетово го затвори јавниот повик за поднесување пријави за добивање субвенции за набавка на инвертер клима уред. Причината е во тоа што бројот од 89 апликанти на јавниот повик бил пополнет и истиот се затвора со што повеќе нема да се примаат новодојдени апликанти. Утринава имаше голема турканица за достава на документите во архивата на општината.
-Овој Јавен повик се затвора пред предвидениот рок од две причини: пополнетост на број на апликации 89 и да се избегнат гужвите кои се создаваат во холот на општината, а во услови на Ковид 19. Понатамошната постапка на процедурата ќе се спроведува според условите објавени во Јавниот повик од 14.01.2020 год.објавен преку официјалната страна на општина Тетово, информираа од тетовската локална самоуправа.
За набавка на инвертер клима уред субвенцијата е 62 илјади денари, а треба да се остави печка на дрва или јаглен.
Ова е втор повик на општината, откако по првиот на 11 август 2020 останаа средства кои може да се доделат за набавка на инвертер клима уреди, како дел од владините мерки за унапредување на животната средина.
А.С