Здружението за култура, уметност и негување на културни вредности СКАРДУС-АРМАКЕДОН од Тетово го промовираше долгометражниот документарен филм „Тајните на Полошкиот Ерусалим“ во духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ во Лешок. Филмот е снимен по повод два значајни јубилеи – 700 години од обновувањето на Стар Манастир и 250 години од раѓањето на Кирил Пејчиновиќ.
Предизвикот беше да се срочи сета надземна убавина, сета културна и историска вредност Лешочкиот манастир. Насловот „Тајните на Полошкиот Ерусалим“ го означува сето она кое го носи самото ова место, сите раскажани и нераскажани вистини за Стар Манастир, за монументалната вредност на црквата Пресвета Богородица, за епопејата на манастирот Свети Атанасиј, Кирил Пејчиновиќ и неговиот живот, како и црквата Свети Никола, посочија авторите сценаристот Милена Илиевска и Христијан Џогов, задолжен за камера, монтажа и режија.
-Убаво е кога идејата што била на хартија, оживува на ваков посебен начин. Сценариото беше изработено за релативно кратко време, затоа што можев да бидам присутна на автентични локации и од блиску да ги видам сите нешта кои сакав да ги вметнам како секвенци во филмот. Навистина, темата за Лешок , Јеромонахот Кирил Пејчиновиќ и сите историски премрежија кои го имаат обележано овој крај, е обемна и доста комплексна. Но, со добра волја, со благослов од тетовско-гостиварскиот Митрополит, Д-р. Јосиф и со одличните говорници, успеавме. Да бидам искрена, ова е прво сценарио кое го имам напишано за документарен филм и навистина, фазите на работа на вакво сценарио се сосема поинакви од се досега што имам изработено. Уште повеќе ме радуваше можноста да бидам присутна за време на снимањето на филмот, да видам како оживува зборот што бил ставен на хартија преку објективот на камерата. Ме радува фактот што, после овој проект, СКАРДУС-АРМАКЕДОН виде и продолжение на приказната. Морам да кажам едно огромно браво за целиот тим. Вистинско задоволство е кога ќе се спои професионалност, посветеност, бура од идеи и квалитетна работа на едно место, потенцира сценаристката Милена Илиевска.
-Предизвикот за да се сними овој долгометражен филм беше навистина голем. Од една страна , бевме мотивирани заради обемноста на историја и непроценливост на духовно и културно богатсво што го има Лешок и самиот манастирски комплекс. А од друга страна, тука е моментот на можност да покажеме, или поточно да раскажеме за некои историски моменти кои до сега , барем не јавно, не се доволно гласно кажани на пошироката јавност. Снимавме во многу убав период од годината, во денови полни со Сонце, со живост на целата природа, така што, ценам дека сосема успешно ја прикажавме целата убавина на манастирскиот комплекс од сите агли: и преку боја, и преку звук и нормално, низ зборот на нашите говорници. Од се срце му благодариме на Неговото Високопреосвештенство Д-р. Јосиф, Миторполит Тетовско-гостиварски, што ни даде огромна поддршка низ целиот процес на изработка на овој проект и што ни даде креативна слобода да го изнесеме нашето видување на нештата и фактите. Се радуваме што проекцијата на филмот помина одлично. Ова е само почеток на една долготрајна соработка со Тетовско-гостиварската епрахија,рече Христијан Џогов.
Доцент Д-р Марковиќ кој е еден од говорниците во документарниот филм вели дека ова дело е од монументално значење не само за Тетово, туку и за цела Македонија.
-Самиот наслов „Тајните на Полошкиот Ерусалим“ е едно навестување за тоа колку е богато ова подрачје од нашата земја со култура, духовност и историја. За мене, како доцент доктор на науката за јазикот, поканата од страна на здружението за култура, уметност и негување на културни вредности СКАРДУС-АРМАКЕДОН од Тетово за соработка беше прифатена со големо воодушевување. Ме восхити фактот што сеуште има луѓе кои сакаат да се занимаваат со ваква комплексна тематика: историја на манастирскиот комплекс Свети Атанасиј во село Лешок и животот и делото на Кирил Пејчиновиќ. Уште повеќе ме радува ентузијазмот што го има екипата на СКАРДУС-АРМАКАЕДОН од Тетово. Раритетно и за восхит е нивното посветено истражување, професионалниот пристап кон изработка на овој филм и секако упорноста да се успее, покрај сите пречки со кои се соочуваат. Посакувам оваа соработка да продолжи, изјави Марковиќ.
Локациите на снимање се завтентични, фактите се изнесени од врвни познавачи на овој регион како и историјата на манастисркиот комплекс Свети Атанасиј, пишаните дела и животот на Кирил Пејчиновиќ.