Средствата кои Владата ги додели на Општина Тетово за реконструкција на булеварот „Благоја Тоска“ се всушност за продолжување на делницата преку веќе постоечки мост на реката Пена, информираше претседателот на Советот, Беким Мемети. Парите ќе се искористат за првата фаза од продолжувањето на булеварот.
-Владата издвои 29.5 милиони денари за реконструкција на булеварот „Благоја Тоска“, што значи дека наредната година овој долгогодишен проблем на Тетово ќе биде минато. Проект е во три фази, а сега има средства за да се реализира првата. Тоа е продолжување на булеварот преку мостот на реката па се до текстилното училиште. Пред крај е експропријација на осум куќи кои треба да се рушат за да се продолжи булеварот во првата фаза, изјави Беким Мемети.
Ариф Селами советник од опозициската партија Алијанса за Албанците побара одговор зошто ниеден капитален проект како овој не се реализира од општинскиот буџет.
-Жално е што за капитални проекти општина Тетово секогаш треба да зема од Владата или од Светска банка. Никогаш не сме успеале капитални проекти да се реализираат од буџетот. Булеварот „Благоја Тоска“ требаше од првиот мандат да се реализира, не се реализираше. Истото се вети дека и во вториот мандат. Еве стигна последната година од мандатот и пак со пари од Владата се реализира булеварот, рече Селами.
-Има неколку прашања кои требаше да се надминат, општина немаше доволно средства наеднаш да ги исплаќа оние на кои треба да им се рушат куќите. Истотака влијаеше пандемијата и изборите, истакна претседателот на Советот Беким Мемети.
Втората фаза предвидува продолжување од текстилното училиште до крстосницата со улицат Киро Ристоски-Дрнц. Последната фаза е од таа крстосницата па се до булеварот „Илинденска“.
А.С