Набавката на храна и лекови за пензионерите кои се во поодминати години, болни,изнемоштени или сами во главно ја прават членови на потесните семејстава или пошироката фамилија. Вака ја оценуваат состојбата за грижата на постарите лица, од Црвен крст Тетово и здруженијата на пензионери врз основа на досегашното искуство во текот на епидемијата како и во текот на оваа „Недела за грижа за стари лица“.
-Во овие два дена само малкумина се јавиле за да добијат ваква помош во рамки на Неделата на грижа за стари лица во организацијата на Црвениот крст-Тетово. Ние ги информиравме здруженијата на пензионери кои пак ги контактираа членовите за можноста. Интерес за помош нема голем, но од друга страна е позитивно тоа што тие стари лица имаат свои блиски кои се грижат за нив, вели Шкљќим Мурати, секретар во Црвен крст-Тетово.
Во Здружението на инвалиди на трудот и корисници на инвалидска пензија велат дека нивните членови се во најризичните групи на луѓе па мораат да бидат постојано дома и дека и имаат потреба од помош но засега најголемиот дел добива грижа од блиските. Околу 2300 луѓе се евидентирани како инвалиди на трудот или корисници на инвалидска пензија.
-Во текот на октомври направивме телефонски контакт со 100 најзагрозени лица. На 60 им доделивме помош од по 2000 денари. Не изразиле желба за поинтензивна помош, имаат поддршка од нивните семејства и други блиски роднини. Во текот на епидемијата понекогаш имавме телефонски повици за некоја итна потреба од помош, но во главно за старите лица се грижат најблиските, вели претседателот на ова здружение Гидо Бојчески.
Слична е состојбата и меѓу 13-те илјади членови на Здружението на пензионери Тетово.
-Ние ги известуваме нашите членови преку ограноците. Имаме 22 ограноци во сите села и во градот и на тој начин се обидуваме да ги прашаме сите дали имаат некаква потреба од некаква помош. Фала Богу најголемиот број од пензионерите живеат заедно или се во комуникација со своите семејства или блиски роднини, изјави Селвер Мемети, претседател на здружението во кое членуваат луѓе со старосна или семејна пензија.
Црвениот крст преку „Hедела на грижа на старите лица“ под мотото „Сите сме нивни деца“ организираше поддршка за стари и изнемоштени лица на тој начин што мобилен тим им прави набавка и достава на храна, лекови, хигиенски средства и други работи. Од почетокот на епидемијата исто така волонтерите на Црвен крст работеа на достава на продукти за повозрасните лица.
А.С