Младите лица да го прифатат предизвикот кој го нуди преведувањето на книжевни дела како начин на запознавање на јазиците и културите, а воедно и како насока за наоаѓање на професија, порачуваат од Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија. Од таму периодов одржуваат работилници низ повеќе градови со цел да ги привечат младите да се пријават за добивање на конкурсот за најдобар млад преведувач „Вавилон 2020“ што го организираат делегацијата на Европската унија во Скопје и Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија.
-Преку конкурсот се поттикнуваат младите да навлезат во полето на книжевен превод, нешто што е интересно и благородно затоа што им овозможува на оние луѓе кои што не знаат одреден јазик, да се запознаат со она што во културата во другите земји се случува, вели Огнена Никуљски, претседателка на Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија.
На конкурсот за најдобар млад преведувач „Вавилон 2020“ може да учествуваат млади до 26 години без разлика на студирање или професија. Треба да има книжевен превод на дел од некое дело помеѓу 3000 и 5000 зборови на некој од официјалните јазици на Европската унија на јазик што се зборува во Македонија.
-Ваквиот избор на книжевен превод е предизвик за доследно познавање на идиоми и фрази и точно преведување на мајчиниот јазик. Младите треба да избреат дело што е прв пат објавено во ЕУ во последните три години. Тоа е нарочно направено за младите да се запознаат со барањето на соодветна книга и таа што ќе ја одберат со она што се случува поново во литературата во Европа, вели Љубица Арсовска, книжевен преведувач.
Перо Сарџоски, член на Здружението од Тетово потенцира дека во градот со два Универзитети има голем потенцијал за нови преведувачи и толкувачи, а воедно и добитници на наградата „Вавилон“.
-Заедно со професорките и колешките зборувавме за сите тие особености кои ги има книжевното преведување посебно со акцент на поезијата на сите тие различни нивоа на еквиваленција на превод. Се надеваме на интерес со оглед дека двата Универзитети имаат катедри за преведувачи и толкувачи. Се надеваме дека ќе ги мотивараме младите, рече Сарџоски.
Конкурсот е отворен до 1 април 2020 година, а преводите треба да се достават до делегацијата на Европска унија „Европска куќа“ во Скопје. Наградата е студиско патување во земјата од кој јазик е направен превод, на некој саем на книга или интересен културен настан.