Изгоре кровна конструкција на куќа во тетовска Мала Речица откако вчера избувнал пожар во оџакот од објектот. Вчера околу 20 часот било пријавено од 58 годишниот сопственик дека се појавил оган во куќата по што пожарникарите започнале со интервенција.
– Пожарникарите пристигнале навреме и го лоцирале пожарот. Изгаснат е додека траел на кровната конструкција и не се дозволи да се прошири во просториите на објектот. Интервенираа шест пожарникари со три возила. Огнот е ликвидиран целосно за еден час. Нема повредени, туку само материјална штета, информира Ука Алити, командант на тетовската пожарна.
Во текот на зимските месеци најчести се пожарите на неисчистени оџаци или вентилациони системи. Од пожарната и полицијата постојано се апелира оџаците да се исчистат како превенција од пожари.
Во 2019 година од вкупно 700 интервенции на тетовските пожарникари 78 биле поради запалени оџаци.
А.С