Во просториите на националната установа „Уметничка Галерија“- Тетово од вчера е поставена изложбата „Еклектични Изохипси“ на уметничките Катерина Деспот и Васка Сандева.
Поради состојбата со пандемијата, нема да има официјално отворање на изложбата. Граѓаните може да ги погледнат сликите преку видео-форма на Фејсбук профилот на Галеријата но и со посета на просториите согласно протоколите за заштита од коронавирусот.
-Овој концепт го карактеризира чувство за простор, внатрешен и надворешен, врзан со архитектурата, монументалноста, чувството за детали и потребата од естетско и стилско обликување. Склопен е во дводимензионални слики од тродимензионални објекти и простор, видени од птичја перспектива. Техника е „колажирање“ на простор и објекти со цел да се добие дводимензионална слика, која пак вратена во просторот, паралелно му даваат карактер и стил и го издигнува поглед на нештата од горе, пишува Александра Иванова за двете авторките во рецензијата за изложбата.
Катерина Деспот е родена во Прилеп, 1977 година, а завршила Индустриски дизајн во Националната ликовна академија во Софија. Васка Сандева е родена во Кочани, 1982 година и исто така во Софија завршила Пејжазна архитектура и докторирала на Шумарско-технички универзитет.
А.С