Иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ одржа прес-конференција на која истакнаа уверување дека ќе се оствари нивната заложба скијачкиот центар да биде самостоен правен субјект под Владата како начин на побрз развој. Хамди Сулејмани од иницијативата уверувањата ги темели по состанок во Министерството за економија заедно со претставници на поголем број институции и установи.
-Се надеваме дека ќе се исполни нашето барање ЕЛЕМ Турс да биде една институција под Влада и Попова Шапка да биде самостоен правен субјект. Сметаме дека така треба да биде со оглед на тоа што Попова Шапка е најголем и најглавен туристички капацитет кој не треба да зависи од другите од места под ЕЛЕМ кои се во губиток, истакна Хамди Сулејмани.
Според него Попова Шапка на дневна основа барем оваа сезона има илјадници евра дневен промет.
-Имам информации од надлежните дека Попова Шапка просечен дневен промет секој ден зимава има околу 500 илјади денари кои не се паметат последните 20 години. Само во недела имало 11 илјади евра само од ски карти. Попова Шапка е локомотива. Нас не интересира Попова Шапка да биде самостоен правен субјект и да се почне процесот на јавно приватно партнерство. Единствено решение спас на Попова Шапка е јавно приватно партнерство, истакна Хамди Сулејмани.
Во јули 2020 година иницијативата побара од политичките партии да потпишат обврзувачка декларација со цел во иднина како дел од власта да се посветат на развој на скијачко-рекреативниот центар Попова Шапка. Во таа декларација нивно барање е одземање на сите компетенции на АД ЕЛЕМ Турс и истите да се пренесат на општина Тетово на локално ниво. Постојат и повеќе краткорочни и долгорочни барања како дел од заложбата која тогаш ја потпишаа три партии.
А.С