Граѓаните од тетовско Саат маало преку иницијативата „Пубоо“(Поубаво) во недела 27 септември организираат акција за создавање на поубав и похуман јавен простор во тој дел од градот. Идејата ја образложуваат со тоа што со години наназад, жителите на Саат Маало живеат во услови на постојана гужва од паркирани возила, голема нечистотија и агресивна урбанизација што го гуши духот на едно од најстарите тетовски маала.
-Иницијативата „Пубоо“го организира првиот во серијата маалски настани, на кој со графити ќе се разубавува трансформаторот на ЕВН во Саат Маало. Група од четворица млади, талентирани и искусни графички дизајнери, се понудија да придонесат со нивното знаење и подготвија идејно решение за изгледот на трансформаторот. Музика, позитивна и креативна атмосфера за похуман и поубав јавен простор, велат од иницијативата.
Настанот во недела започнува во 10 часот. Минатата година Саат маало се организираше и спроведе еколошка акција за расчистување на нивниот парк. Оваа маало е познато во Тетово и по својата мултикултурна слика. Тука свои домови имаат семејства од сите етнички заедници и со децении се негува заедништвото и соживотот.
А.С