Иницијативата „Тетово сака парк“ својата замисла за формирање на градска парковска површина ќе се обиде да ја реализира и преку највисоката инстанца на локално ниво-тетовскиот градоначалник.
Од таму денеска известија дека преку архивата на Општина Тетово доставиле официјално писмено барање за средба со градоначалникот Биљал Касами.
-Сакаме очи во очи со него да поразговараме за очекуваниот негов придонес кон реализирањето на предлогот Тетово да го добие својот прв вистински градски парк, на последниот јавен простор. Очекуваме конструктивна средба и подготвеност на првиот човек на општината да го препознае моментот и Тетово да отвори ново поглавје во односот на општината со своите граѓани, велат од иницијативата.
На 25 март иницијативата одржа консултативна средба со членовите на Советот на Општина Тетово. Иницијативата беше поднесена до општината и согласно законот за локална самоуправа како писмен предлог на 21 февруари за кој од „Тетово сака парк“ очекуваат и одговор во рамки на определените 60 дена. Онлајн петицијата ја потпишаа над 3000 граѓани.
ас