Голем револт има денес кај дел од граѓанските здруженија и жителите на Тетово поради сечењето на дрвјата долж улицата „Страшо Пинџур“ која изминативе месеци се реконструира. Граѓаните реагираат на тоа што се исечени десетици дрвја, дел од нив стари и повеќе децении, но во добра состојба.
-Сакаме јавно најостро да го осудиме масакрот кој се случи утрово над дрвјата на ул. „Страшо Пинџур“, а реакциите на граѓаните ќе ги пренесеме и на средбата токму со градоначалникот Касами во текот на денот, соопштија од иницијативата „Тетово сака парк“.
– Во целиот свет и европските земји дрвјата имаат регистрар каде што се евидентираат според квалитетот на дрвото, годините, итн. Во нашиот град, дрвјата се сечат секој момент без некој да да одговараат. Се надеваме дека ќе се стопира сечење на дрвја на наредно место, а тука да се постават нови дрвја да не се препознае промената која се случи овде. Не мораше да се сечат дрвјата бидејќи не се менува профилот на улицата туку само се реконструираат материјалите. Во таква ситуација дрворедот треба да стои, тоа е законски пропишано, изјави Хамди Сулејмани, советник од граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“.
-Сечењето дрвја на една од најстарите улици во градот е неприфатливо и од еколошки аспект и од историската меморија на градот. Новите садници не ја заменуваат историјата на дрвјата стари 70-80 години. Во многу развиени земји, сечењето дрвја на овој начин е исто така кривично дело и за ова се оди во затвор. За жал, немањето урбана култура и визија за градот има неповратни последици. Бараме одговорност, велат од Еко Герила.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами вели дека се реконструираат сите елементи од улицата па затоа треба да се исечат дрвјата и на нивно место да се стават нови.
-Дрвјата се исечени во рамки на реконструкција на улицата за која и вие сто пати сте ме прашале кога ќе се реконструира. Еве веќе има динамика да се направи реконструкција со целосна инфраструктура што подразбира и подземна и надземна, канализација, водовод и тротоар и осветлување. Ќе се стават нови дрвја кои кои ќе бидат соодветни на новиот проект. Овој пат ќе има најмодерен изглед кој го заслужуваме како жители на Тетово. По план кога се реконструира еден пат се реконструира целосно се прави со сите елементи, збориме за сите инфраструктурни елементи вклучително и дрвјата, изјави Касами.
Тој немаше одговор на прашањето дали стручно лице има направено елаборат по која ќе се сечат дрвјата.
-Пет месеци работиме макотрпно да еднаш засекогаш да улицата ја реконструираме. Сега да се фокусира јавноста дека се исечени дрвјата, не е вистина дека се исечени туку ќе се сменат согласно целосната реконструкција на патот. Ако ние сакаме да пренесеме до јавноста дека правиме нешто погрешно, пак по четири години во Тетово ќе дојде градоначалник кој ќе продолжи по старо, изјави Касами.
Според него до крај на јуни гарантирам ќе заврши реконструкцијата на улицата.
ас