Советот на Општина Тетово на денешната 36-та седница изгласа согласност јавното претријатие „Градски паркинг“ да земе кредит во висина од 6 милиони денари за да се покријат финансиските загуби. Оваа точка на дневен ред не помина на претходната 35-та седница на 29 октомври.
За барањето кредит на денешната седница одговорност од менаџерскиот тим побара советникот Горан Јовановски од ВМРО ДПМНЕ.
-Имате подадена рака од Советот но мора да ги смените работите, или вие или некој од менаџерите треба да си заминат за тоа што се дозволиле долгови од 3 милиони денари. Воедно при вакви состојба вие сте објавиле нов конкурс за вработување, при што се вработени само Албанци кои се пишале како Македонци или Роми, истакна Горан Јовановски.
Директорот Садат Алили рече дека пандемијата е причина претријатието 27 дена воопшто да не работи и да нема приходи од паркирањето.
-Јас го водам претријатието од август 2018 година кога имаше 3-4 неплатени плати но тогаш не баравме помош. Во април не работевме поради состојбата и поради тоа немаше приходи и сега има загуби. Вработувањата се помината во Агенција за вработување, истакна Алили на седницата.
Ова е второ јавно претријатие во Тетово за кое Советот дава одобрение за зајмување пари од банките. На 34-тата седница во септември Советот даде согласност Јавното комунално претријатие „Тетово“ да земе кредит од банка со цел да ги плати придонесите на вработените и да ги подмири тековните потреби за работа. За тоа претријатие беше дадена согласност за позајмување на 26 милиони денари.
На седницата беше изгласана и промена во статутот на Општина Тетово со која се дозволува одржување на седници преку интернет од далечина во време на пандемија или вонредни состојби и услови.
А.С