Зголемениот број на амбулантски прегледи пред две недели во Ковид центарот во Тетово резултира со повеќе луѓе на болничко лекување. Ако на 22 февруари се бележат 14 хоспитализирани пациенти денес има 23, па координаторот на Ковид центарот д-р Гзим Нуредини вели дека построгите мерки како полициски час ќе помогнат за стабилизирање на состојбата. Во текот на вчерашниот ден во ковид центарот починала жена на 43 години со хронична болест и КОВИД-19.
-Пред две недели започна постепено да се зголемува бројот на амбулантски прегледи што беше индикатор дека фактички нешто се случува на теренот и ете почна да се зголемува бројот на пациентите кои се хоспитализирани. Денес имаме 23 хоспитализирани пациенти што значи дека е зголемен бројот на споредба со двете прошли недели. Што се однесува до амбулантските прегледи и таму е висок бројот на пациенти каде има луѓе пратени од матични лекари, има на контроли, некои се позитивни итн, вели д-р Нуредини.
Скоро сите се во тешка здравствена состојба со други хронични болести што го отежнува и лечењето. Сите се на кислородна поддршка.
-Добро е што ќе има полициски час, мислам дека и некои други мерки ќе помогнат. Не значи дека е тоа доволно граѓаните треба самите да внимаваат, оти навистина имаме стари хронични пациенти кои се во животна опасна состојба. Со овие мерки ние внимаваме да не ги преоптовариме нашите потенцијали кои ги имаме како болница и за персонал. Затоа ние алармираме за мерки ако имаме зголемен број на пациенти, рече докторот.
Се очекува пуштање во употреба на модуларната болница со присуство на министерот за здравство.
–Модуларната болница е подготвена, остана уште административни работи да се средат. Лицата со интерни болести се префрлени во дијагностички центар, а во интерно одделение се само со Ковид-19 , истакна Нуредини.
Вкупно 47 здравствени работиници добиле прва доза од вакцината, сега ќе се почне и со второто вакцинирање.
А.С