Соседната куќа која е во фаза на распаѓање претставува опасност по животот на членовите на семејството Мисајловски во населбата Два бреста во Тетово. За членовите на семејството Мисајловски да излезат од нивниот двор треба да поминат под дел од соседната куќа која е во фаза на распаѓање.
-Неколку пати е пријавено во изминативе години, но нема никаква реакција од страна на службите ниту пак од сопствениците. Со снегот и обилните дождови што беа во текот на минатиот месец состојбата на куќата е уште повеќе влошена. Може во секој момент да падне и да доколку некој поминува од таму да го изгуби животот, вели Фросина Шљупковска Мисајловска.
Тие до општина Тетово поднеле барање за отстранување на објект што е склон на паѓање, но добиле негативен одговор. За куќата се води судски спор, а како сопственици се јавуваат шест лица.
-Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште изврши увид во документацијата при што утврди дека за катарската парцела се води жалбена постапка пред Управен суд и заради тоа општина Тетово не може да постапи по Вашето барање, се наведува во одговорот од Општина Тетово што го добиле уште во 2018 година.
Во стариот дел од Тетово постојат голем број куќи кои се во распаѓање, а претставуваат примери на традиционалната македонска градска архитектура. Претежно нерасчистени имотно-правни односи се причини ваквите куќи да бидат оставени без грижа и да се распаѓаат.
Ваквиот тип на куќи се забележани во Каталог на Музејот на тетовскиот крај насловен „Стара тетовска куќа“.
Има евидентирано вкупно 130 објекти под три вида на архитектура од османлискиот период , македонската традиционална куќа и објекти од 20-тиот век под европско влијание. Од вкупниот број на 130 објекти само шест се под заштита како културно наследство, а од нив само две се пример на македонска традиционална градска архитектура.
А.С