Речиси идентично како и во 2016 година, околу 83% од испитаниците сметаат дека Шар Планина треба да биде прогласена за национален парк (во 2021 година 82,7 % а во 2016 година 83,4 %), покажа последното истражување на јавното мислење спроведено во рамки на проект на Македонско еколошко друштво и платформата „Пријатели на Шара“.
Анкетата покажа и голема подготвеност кај локалното население за поддршка на иницијативата, односно околу 80% од испитаниците изјавиле дека се подготвени да потпишат иницијатива за прогласување на Шар Планина за национален парк, резултат изнесен и во 2016 година.
Идентична е ситуацијата во однос на тоа какви би биле промените од прогласување на Шар Планина за национален парк, односно 86% од сите испитаници очекуваат позитивни промени (и во 2016 и во 2021 година).
Станува збор за анкета направена во март 2021 година на репрезентативен примерок од 628 испитаници во општините Јегуновце, Боговиње, Теарце, Тетово, Врапчиште и Гостивар, која во рамките на Полошкиот регион опфати 2 урбани средини (Гостивар и Тетово) и 38 рурални средини. Анкетите на терен се спроведени од агенцијата ИПСОС, додека анализата е направена од Македонско еколошко друштво. Во примерокот се опфатени и сите поголеми планински села во рамките на предложените граници на идниот национален парк „Шар Планина“, а процентот на население од руралните средини што одговорило позитивно на прашањето ‘дали Шар Планина треба да се прогласи за национален парк?’ изнесува 75%.
Според двете истражувања од 2016 година и 2021 може да се заклучи дека досегашните кампањи и активности за запознавање на локалното население со процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк имале позитивен ефект.
-За разлика од анкетата во 2016 година, оваа година резултатите покажуваат зголемена свесност кај локалното население од планинските села за терминот заштитено подрачје и придобивките кои може тие да ги имаат со прогласувањето на Шар Планина за национален парк. Исто така, резултатите ни покажуваат и дека неопходни се активности за едукација во поглед на одржливо користење на природните ресурси од страна на локалното население, како и информации кои јасно ќе ја дефинираат улогата на зоните на идниот национален парк, изјави Фросина Пандурска-Драмиќанин, координатор на проект во Македонско еколошко друштво.
Во истражувањето во 2016 година, 86% од испитаниците изјавиле дека со прогласување на националниот парк „живеачката“ ќе се подобри, додека 4% изјавиле дека нема да се подобри, односно ќе остане иста. Овие процентни удели се намалени во 2021 година каде 68% од граѓаните сметаат дека „живејачката ќе се подобри“, односно дури 19% од нив сметаат дека ќе остане иста. Генерално гледано од оние испитаници кои сметаат дека живеачката ќе се подобри, жителите на општина Гостивар (93% од сите жители од општина Гостивар) се во поголема мера оптимисти, тврдејќи дека живеачката ќе се подобри