Владимир Неделковски е победник на меѓународниот параглајдинг натпревар што изминатите три дена се одвиваше со прелети кои стартуваа од Попова Шапка во организација на параглајдинг клубот „Љуботен“ од Тетово. Втората и третата позиција исто така им припаднаа на Македоци, односно на Дарко Станковски и Мартин Јовановски.
Во женска конкуренција победи Борјана Чтиркова од Бугарија.
-Имавме вкупно 27 учесници од 8 земји. Времето беше поволно за трите дена натпреварување. Се леташе во категорија ФАИ2 во дисциплина прелети. Сите полетувања беа од месноста Репетитори на Попова Шапка, а по зададената рута учесниците слетуваа на локација на излезот од Тетово во правец кон Гостивар, информира Владимир Радичевски од клубот „Љуботен“.
Во текот на три денови имаше предвидени 8 прелети со зададени правци.