На основањето во 2002 година на Македонско-Хрватско Друштво (МХД) за прв претседател е избран Горан Видачек. Помеѓу основачите, се вбројуваат и Дарко Обадиќ, Недиљко Ромац, Владимир Копривњак, Моника Обадиќ, Весна Видачек, Стипе Штрбац, Томо Каталиниќ, Владо Мартиноски и др.
-Благодарни сме на сите кои на било кој начин придонесоа за развојот и афирмацијата на МХД. Нашето здружение е секогаш отворено за нови членови и идеи, со цел заедно да ги развиваме македонско – хрватските односи, да ја промовираме хрватската култура и да работиме на културна, образовна и економска соработка помеѓу двете држави, изјави Горан Видачек, претседател на Друштвото.
Во изминатите 18 години покрај изучувањето на хрватскиот јазик, спортските/еколошко – нуркачки активности, женските креативни работилници, младинските активности на Хрватски Форум, во делокругот на МХД, се вбројуваат и голем број на традионални активности кои веќе две децении активно се спроведуваат од страна на МХД во Тетово и во другите градови. Ракометната школа при МХД започна со работа во 2013 година, а подоцна во 2016 година беше воспоставен и ракометен клуб „Кромак“, како и нуркачко – еколошки клуб „Пена“ од 2017 година.