Лекари специјалисти Институтот за јавно здравје и од други државни здравствени установи ќе бидат на располагање на тетовските институции од областа на здравството. Ова е договорено на денешниот состанок на градоначалничката Теута Арифи со претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџоски, директорот на Институтот Шабан Мемети и директорот на Клиничката болница во Тетово Флорин Бесими.
-На денешниот состанок уште еднаш потврдивме дека општина Тетово успешно ги спроведува мерките за заштита од корона вирус и прави напори да им укаже и на граѓаните да ги почитуваат здравствените и владините мерки. Денес уште еднаш ни беше потврдена поддршката во справувањето со корона вирус од страна на Институтот за јавно здравје со ставање на располагање на еден инфектолог за подрачјето на општина Тетово како и со зајакнување на здравствените служби во Тетово со дополнително испраќање на здравствен персонал како пулмолози, интернисти и слично, доколку во иднина има потреба од тоа, истакна градоначалничката Теута Арифи.
Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџоски потенцираше дека помош за Тетово ќе има и доколку се јави потреба за зголемена бројка на болничко лекување на пациенти.
-Споделивме актуелни новости околу состојбата, како и за рестрикацијата во движење во насока да се даде придонес за зајакнување на капацитетите на болницата, капацитетите на превентивниот сектор и дадеме скромен придонес во перспектива за нови мерки. Разговаравме за зголемување на капацитетите на регионот Полог доколку има има потреба од дополнителна хоспитализација на пациенти со КОВИД-19, рече Караџовски.
Во Тетовскиот регион денес се бележи едно починато лице од коронавирус на Инфективната клиника во Скопје додека нови заболени нема. Починатата е 62 годишна жена од селото Челопек, со што вкупно 4 лица од Тетовско се водат како починати поради коронавирусот.
А.С