Несогласување помеѓу дел од граѓаните и Општина Тетово околу експропријацијата може да биде пречка за продолжувањето булеварот, за кој вчера започнаа градежни работи за подземна инфраструктура. Општината започна со градежните работи пред веќе изградениот мост на реката Пена, додека после мостот се наоѓаат куќите кои треба да се рушат за да се продолжи булеварот. Дел од нив беа рушени во текот на изминатите 30-тина денови, но таму може да се видат два објекти во кои и понатаму се живее.
Севдија Рушити е една од сопствениците на куќите кои не ја прифаќаат експропријацијата на нивните имоти. Тие се жалат дека нема реален договор и давањето на нивните имоти.
-Даваат многу малку пари, само 70 илјади евра за 426 метри квадрати метри површина. Воедно кога преговоравме ми рекоа дека ќе ми дадат дозвола за градба на нов објект во самиот двор покрај трасата, ама се уште не сме ја добиле. Имам доволно место за да се даде простор за улицата, но и да изградиме нова куќа. Ни рекоа дека може да се гради, ама уште не ни дале дозвола за градба. Парите за експропријација се малку, не можеме ниту еден стан да купиме во Тетово, изјави Севдије Рушити.
Таа вели дека нема да отстапи се додека не добие дозвола за градба и повеќе пари за имотот.
-Ќе пуштиме да се гради ама како што треба да дадат, како на другите. Знам дека им имаат дадено повеќе пари. Ако се договориме ќе биде добро за сите, за цел град, сите чекаат да се пушти овој булевар да нема толку сообраќај низ Тетово. Шест години има како трае оваа постапка со преговори, имаме трауми, одвај се справувам, вели Севдије Рушити.
Градоначалничката Теута Арифи потврдува дека нема договор со сите сопственици околу експропријацијата, но уверува дека има судски одлуки во полза на Општината.
-Ние формално правно сме ги завршиле сите обврски кон граѓаните. Кај 95 проценти имаме договори и исплати. Таму каде што евентуално граѓаните имале дилеми и оделе на судска постапка исто така имаме од страна на Судот одлуки кои апсолутно ни даваат отворен пат да го завршиме проектот, одговори Арифи на новинарските забелешки дека се уште има граѓани кои не ги отстапуваат имотите.
За продолжување на булеварот од околу 500 метри, општината доби пари од Владата. Средствата за експропријацијата се од државниот буџет додека за градежните работи од ТАВ програмата.
Булеварот „Благоја Тоска“ треба да се продолжи кај Клиничка Болница преку мост на реката Пена во правец кон станбениот Блок 70.
ас