Во вчерашната акциска контрола полицијата одзела пет возила од сопствениците и ќе ги задржи на 90 дена согласно измените во законот за сообраќај. Возилата три месеци се задржуваат во полициска станица ако се констатира дека повеќе од шест месеци е истечена регистрацијата за техничка исправност.
-Од започнување на примената на измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, на тетовското подрачје, за истечена регистрација повеќе од шест месеци, според член 344 став 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, досега времено се одземени вкупно пет возила, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Вчерашната осумчасовна акциска контрола тетовската полиција резултирала со над 100 казни за возачи. Акциската контрола е спроведена од 12 до 20 часот.
-Биле откриени 89 прекршоци за пречекорување на максимално дозволената брзина на тетовското подрачје. Покрај ова реализирана е и контрола на возачи кои управуваат возила под дејство на алкохол, при што биле откриени пет прекршоци, сите на тетовското подрачје, информира Јосифоски.
Во вчерашните контролни активности откриени и законски санкционирани биле и 33 други видови прекршоци,.
А.С