Професионалниот национален ансамбл за народни песни и игри „Танец“ гостува во Тетово во четврток 9 јуни со настап во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“. Гостувањето е дел од „Танец низ татковината“ циклус на целовечерни концерти на ансамблот „Танец“, во кои се изведува атрактивна играорна и вокално-инструментална програма од различни региони на земјата, на кои се создавало македонското фолклорно богатство
-Постојаниот контакт со домашната публика има клучна улога за континуитетот и опстанокот на македонската музичко-сценска фолклорна традиција и е од исто толкаво значење како и претставувањето надвор од границите на земјата. Главната цел на овие концерти на „Танец“ е доближување на македонското народно творештво до нова и поширока публика. После успешните мартовски концерти во центрите за култура во Делчево, Радовиш, Свети Николе, Пробиштип и Кичево, „Танец“ ќе настапи во Тетово со комплетна изведувачка формација, составена од играорниот кор, хорот и оркестарот, која ќе брои педесетина уметници, изјави Бранка Костиќ Марковиќ, уметнички раководител во Танец.
На концертот ќе биде изведена програма која вклучува кореографски постановки и повеќе инструментални и вокално – инструментални мелодии од богатата македонска фолклорна ризница. Концертот ќе се одржи на големата сцена на Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово, со почеток во 20 часот. Картите во продажба може да се најдат во билетарницата на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ Тетово секој работен ден. Цената изнесува 100 денари.