На Велики Петок Црквата ги споменува смртта и погребението на Господ Исус Христос и Неговото слегување во адот.
-Ова е стожерна точка во Страдалната седмица, тогаш Богочовекот Кој невино пострада за спасението на човечкиот род ја стекна благодатта на искупувањето од прародителскиот грев, со што се обезвласти владеењето на смртта и на пеколот (демоните) над природата на човекот. (Попросто кажано, оттогаш луѓето живеејќи богоугодно, очистувајќи ги своите срца од страстите, повторно можат да стануваат слободни личности и како такви наследници на рајот.) За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време, се вели во православниот календар на Македонската Православна Црква.
На Велики Петок тајниот Христов ученик Јосиф од Ариматеја го измоли од Пилат мртвото тело на невино распнатиот Господ Исус, а јудејскиот кнез Никодим којшто и самиот тајно Го следеше Христовото Божествено учење, со смеса од смирна и алој Му го подготви телото за погребение. Погребот е извршен во петок пред Пасха, во свеж гроб во близината на Голгота (сопственост на Јосиф од Ариматеја). Присутствувале само неколку луѓе.
Вчера на 29 април во Лешочкиот манастир митрополитот Тетовско-Гостиварски г.Јосиф ја отслужи Утрената богослужба, на која се читаат 12-те Страдални Евангелија на Велики Петок. Светиот Крст беше изнесен на средината на Храмот, за верните да можат да се поклонат на Господовите Страдања, информираа од епархијата.