Во организација на шаховската федерација на Македонија и тетовскиот шаховски клуб Анпасан-Сеш како технички организатор и домаќин на Попова Шапка денес започна екипно првенство на Македонија за жени за 2020 година. Шахистките од вкупно девет клубови ќе се натпреваруваат од денес до понеделник 12-ти октомври.
-Екипното првенство започна денес во 15 часот со техничка конференција и определување на турнирските броеви. Мечевите се играат според правилата на ФИДЕ (светска шаховска организација) со темпо на игра 90 минути до крај на партијата по играч со додаток од 30 секунди. Првенството се одржува согласно здравствените протоколи, изјави Назмидин Имери, претседател на клубот Анпасан-Сеш.
Учествуваат екипите на Алкалоид, Гамбит Ассеко-СЕЕ, БМ Кисела Вода од Скопје, Прилеп, Фишер и ГШК Куманово од Куманово, Ласкер Охрид и домаќинот Анпасан-Сеш. Според просечниот рејтинг тие се поделени во две групи.
А.С