Денес на Попова Шапка се потпиша договор за грант за планирање меѓу Фондот за природа Преспа-Охрид (ПОНТ) и јавна установа Национален парк Шар Планина ЈУНП Шар Планина со кој се обезбедија дополнителни средства потребни за функционирање на новоформираната јавна установа, инфомираа од Министерството за животна средина.
-Можеме да ја започнеме нашата поддршка за оваа нова заштитена област, неодамна прогласениот национален парк Шар Планина. Овој важен национален парк е вграден во поширокиот прекуграничен регион со други важни заштитени подрачја во Албанија и Косово. Денеска потпишуваме грант за планирање и ако се биде во ред ќе продолжиме со дополнителни грантови, изјави извршната директорка на ПОНТ, Мирјам де Конинг.
Со овој грант за планирање ќе се обезбеди административно зајакнување на институцијата, зачувување на природата од закани како што се пожари и илегални активности како и поголем визибилитет на институцијата , информираност и соработка со локалното население.
-Владата ни додели средства за стартување, но потребните финансии за дооформување на самата установа и нејзино целосно ставање во функција се многу поголеми. Од таа причина правиме напори да ги обезбедиме дополнителните финасии преку проекти и донатори што ќе ни овозможи функционирање и самоодржливност, изјави директорот на ЈУНП Шар Планина Ибрахим Дехари.
ПОНТ е приватна, правно независна институција која доделува грантови кои го финансираат одржливото зачувување на природата. Грантот за планирање обезбедува придонеси од Германската влада, преку ПОНТ, Владата на Република Северна Македонија и други донатори.