Ски-центарот Попова Шапка од утре за прв пат оваа сезона организира ноќно скијање на патеките на кои има рефлектори за осветлување. На две патеки со ски-лифтови има осветлување за ноќно скијање.
-Ноќно скијање ќе има во петок и сабота од 19 до 22 часот на патеките Поток 1 и Поток 2 на кои има можност за осветлување со помош на рефлектори. Цена на ски билетот за ноќно скијање е пониска од лани и изнесува 400 денари, информира Живко Алексовски, директор на ски центарот.
Од ски-центарот апелираат скијачите, бордерите и сите посетители да ги почитуваат правилата околу користење на билетите за ски-лифтовите каде забележале манипулации.
-Забележана е злоупотреба на ски-билетите од страна на корисниците. Само во текот на еден ден од викендот констатирана е злоупотреба на 60-тина детски билети кои се користени од страна на возрасни поради што билетите се одземени. Ве информираме дека секоја злоупотреба се санкционира и за истата предвидени се високи казни, се вели во известувањето од ски-центарот.
На 29 јануари почна да функционира и шестоседата жичница на Попова Шапка, а се намалија и цените на ски-билетите од минатата недела.
А.С