Владата денеска донесе одлука АД ЕЛЕМ Турс да се одвои од АД ЕСМ и ќе функционира како самостоен субјект. Потоа ќе започне постапка за јавно приватно партнерство(ЈПП) за развој на Ски- центарот Попова Шапка, објави министерот за економија Крешник Бектеши.
-Со оваа одлука се создаваат услови за нови инвестиции во развојот на Попова Шапка, истакна министерот.
По завршената седница од Владата информираат дека Владата ја разгледа и усвои Информацијата за изнаоѓање решение за Ски центарот Попова Шапка, како и можноста Елем Турс да се одвои од АД Електрани на Северна Македонија за да функционира како самостоен субјект во рамките на Владата.
Целта на овaа иницијатива е да се разгледаат сите можности за креирање на модерен, високо квалитетен скијачки центар од национално и меѓународно значење и максимална грижа за постигнување рамнотежа помеѓу природните еко-системи и природните убавини на Шар Планина, информираат од Владата.