Градски автобуски превоз во Тетово треба да започне од понеделник 16 август, најави Дарко Спировски директорот на оштинското јавно претријатие „Тетово транспорт“. Засега се предвидени две рути на движење на петте автобуси со кои располага претијатието.
-Предвидени се две линии, од кои едната започнува од кај автобуската станица па оди на „Индустриска“ и кон „Маршал Тито“ покрај пазар се до плоштад па на „Илинденска“ се до Универзитетот на Југоисточна Европа и назад. За почеток ќе возат четири автобуси на секој половина час. Петтиот автобус е за втора линија од автобуска кон касарна, потоа до стадион, до музичко училиште, плоштад и назад, информираше директорот.
Ова е почетна фаза на возниот ред, а од претријатието најавуваат дека ќе бидат флексибилни и дека линиите ќе се менуваат согласно динамиката на користење на автобусите и состојбата со сообраќајот на тетовските улици.
-Овие две линии се како за почеток отворени, потоа може да се модифицираат линиите, некои нови да се уфрлат, некои да се укинат. Да видиме и граѓаните како ќе регираат на што ќе инсистираат. Сепак автобусите се за граѓаните не се за претриајтието, тоа е јавен превоз за народот, смета Спировски.
Според него деновиве на пробните возења низ градот се покажало дека автобускиот превоз ќе може непречено да функционира и покрај поголемиот број на сообраќајни предизвици и проблеми со кои се соочува Тетово.
-Автобусите може да се движат низ градот со одредена специфика на одредени места,каде што треба повнимателно да се вози. Има повисоки ивичници, каде има поголем метеж и кружните текови. Кај музичко училиште е потесен кружниот тек ама со поголемо внимание може да помине. Генерално беше да се види како ќе функционират. Народот се уште не знае па се паркираат пред постојките но полицијата ќе преземе мерки особено на тие делови каде што треба да минуваат автобусите. Во сообраќајот нема да има драстични промени, па самите услови ќе покажат дали нешто ќе треба да се смени, објасни Спировски.
Автобусите во Тетово стигнаа уште во јануари 2021. До сега стоеја во кругот на пожарната и се чекаше формирање на јавното претријатие за градски превоз како и утврдување на оперативниот план, ценовник и слично. Еден билет ќе чини 20 денари, додека предвидени се повеќе категории за месечни и годишни карти.