Општина Тетово информира дека е потпишан конечниот договор со Министерството за финансии и Светската банка за продолжување на булеварот „Видое Смилевски-Бато“ попознат кај населението како Индустриска улица. Парите ќе се користат да се продолжи булеварот преку спортскиот центар се до касарната.
– Овој проект е приоритет за Општина Тетово, булеварот кој се планира да се гради е вклучен во Генералниот урбанистички план. Булеварот Видое Смилевски Бато е важен за пренасочување на сообраќајот кон периферијата во Тетово како и затоа што обезбедува врски помеѓу три важни рути до и од Тетово. Овој булевар ги поврзува патиштата до Скопје, Гостивар и Јажинце, изјави градоначалничката Теута Арифи.
Средствата во висина од 60 милиони 640 илјади денари се обезбедни од Светска банка преку министерството за финансии преку проектот MSIP.
-Ќе има нова должина од 671 метар, две ленти со ширина од по 7 метри, тротоари широки 2,5 метри од двете страни на улицата, зелена површина од 3 метри, линија за водоснабдување поврзана со постојната градска мрежа, колектор за дождовница, улично осветлување со 26 столба, изјави Арифи.
Продолжувањето на булеварите„Видое Смилевски-Бато“ и „Благоја Тоска“ долги години се очекуваат како трајни решенија за надминување на сообраќјниот метеж во градот.